Охрид СОС: Општината се обидува да протурка легализација на дивоградби на атрактивни локации

Неформалната граѓанска инцијатива Охрид СОС обвинува дека општина Охрид преку Советот се обидува да протурка легализација на дивоградби на атрактивни локации.

Тврдат дека се заговара легализација на државно земјиште во Трпејца,потоа кај авто-кампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти. Во соопштението кое го испратија до медиумите истакнуваат дека некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица и оти некои од парцелите се со големина од илјадници метри квадратни па дури и 6 хектари во Трпејца.

-Дали локалната издава бланко карта за легализација уште пред да биде изградено, за потоа да гради кој, како и колку сака. Можеби за да се оттуѓи земјиштето по повисока цена и да се овозможи „лесна“ урбанизација – се наведува во дописот, во кој се приложени и фотографии од спорните парцели. Наведуваат дека податоците за истите ги прибавиле пребарувајќи низ ГИС системот на Агенцијата за катастар.

Тврдат и дека дел од предвидените легализации се однесуваат на Горица Север која треба да биде заштитна зона на Студенчишкото Блато што е во постапка за прогласување на Споменик на природата.
Многу од информациите што беа лиферувани во јавност се полувистини или невистини–велат од општината. Бесправно изградените објекти дури и на државен имот, законски можеле да се легализираат. За објектите пак изградени во заштитениот појас имале мислење од министерството за животна средина.

За да ги потврдат своите тврдења пред камера, се обидовме да стапиме во контакт со неколку од актривистите на неформалната Охрид СОС но нивните телефони беа исклучени, а не одговорија нити на писмениот допис кој им го испративме.

Росица Голабоска