„Охридско лето“ завршува со претставата „Бог на масакарот“ на Турскиот театар

Со претставата „Бог на масакарот“ во изведба на НУ „Турски театар“ од Скопје се спушта завесата на годинешното јубилејно 60-то по ред издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Неслучајно настапот на Турскиот театар е избран за терминот на свеченото затворање на „Охридско лето“, за на тој начин да се одбележи јубилејот на установата – 70-годишнината од основањето.

За претставата „Бог на масакарот“ режисерката Билге Емин вели дека го презентира насилството во луѓето, дивјаштвото што демне во секој од нас…

Улогите во претставата ги толкуваат Сузан Акбелге, Џенап Самет, Филиз Ахмет и Селпин Керим. Сценографија е на Татјана Блажевска – Христовска, костимограф Марија Пупучевска а асистент на режисерот Џенап Самет.

Претставата ќе се игра на сцената Долни Сарај со почеток од 21 часот.