НАЈНОВИ ВЕСТИ

Охридското езеро и натаму е без концесионер

И по 4 месеци од одржување на електронското јавно наддавање за издавање на Охридското езеро под концесија,иако роковите за евентуално поднесување на приговори, одамна изминаа, од министерството за земјоделство  велат дека концесија за вршење стопански и рекреативен риболов на Охридско Езеро не е доделена.Во јавноста се шпекулира дека се откажала струшката фирма “Еко Свет К-21” која за сума од фантастични 400.000 евра ја доби можноста да стопанисува со Охридско во наредните 6 години.Ова всушност е највисоката сума откако езерото се дава под коцесија.

Министерство за земјоделство:” Иако дел од постапката е завршена, концесијата се доделува со донесување на одлука за доделување на рибите на концесија од страна на Владата.Не може субјект да ја откаже концесијата со оглед на тоа дека одлука за додување на рибите на концесија сеуште не е донесена и концесијата не е доделена.  Правните последици на откажување или непотпишување на договор се уредени со законот за рибарство и законот за концесии”

Охридското езеро 4 години е без стопан,ендемичните видови риба пастрмката и белвицата се пред истребување,а згора на тоа,наводно поради технички недостатоци, 5 години по ред не се врши нити вештачко порибување на езерото. Порибувањето оваа година нема да се изврши од технички причини, иако беа обезбедени и доделени средства  за таа намена на охридскиот Хидробиолошки завод,велат од ресорното министерство.

 “Тие процеси се некако застанати, можно е да е дел финaнсиска природа, можда е да е дел некомуникација меѓу институциите, можно е да е дел непочитување на препораките на науката и тоа треба што побргу да се види и да се овозможи и натаму вештачко порибување”- порачува Дејан Паноски,експерт за заштитени подрачја.

 За жал во изминативе 20 години популациите на ендемичните видови охридска пастрмка и белвица се на критично ниво, тоа е затоа што овие 20 години покажаа дека сепак потребен е видео надзор кој што ќе ги следи сите активности во близина на населните места и би стопирал,односно би ги редуцирал на минимум сите оние незаконски дејства кои што се однесуваат како на илегален риболов”-вели Ѓоко Зороски,инженер за животна средина.

Стопанисувањето со езерото е вносен бизнис преку кој се перат дебели пари,отворено кажуваат рибарите. Никој не се грижи за зачувување на рибниот фонд-напротив се врши масовно рибокрадење. Само во изминатите два месеци полицијата запленила 126 рибарски мрежи со вкупна должина од 2.800 метри во кои имало 45 килограми риба.

Росица Голабоска