Официјално 2022 година заврши со инфлација од 14,2%

Македонија ја завршила 2022-та година со висока инфлација од 14,2% – објави државната статистика. Цените на мало ,пак, се зголемиле за 12,6%. Инаку, во последните два месеца од минатата година се забележува мало намалување на инфлацијата. Пикот беше достигнат во октомври кога трошоците на живот се зголемија за речиси 20 отсто, додека во декември таа изнесувала 18,7%. Во последниот месец од годината, поскапување имало кај кафето, чајот, какаото, соковите, јајцата, шекерот. Исто така енормно зголемување на цените има кај авионскиот превоз за дури 81%, туристичките аранжмани за 9,4%, како и кај водата, ѓубрарината и парамедицинските услуги.

Во декември, лебот бил поскап за дури 40,1% споредено со истиот месец во 2021-та. Млекото, сирењето и јајцата се продавале за 36,4% поскапо. Месото поскапело за 28%, маслото за 23,7%, рибата за 16,6%, овошјето и зеленчукот за приближно 14 отсто“

За цела 2022-ра година, очекувано најмногу поскапела храната за 21%. Цените во транспортот биле поголеми за 19,5%, а оние во рестораните и хотелите за 15,5%. Трошоците за домување кај домаќинствата се зголемиле за 13,3%, мебелот се продавал во просек за 8,6% поскапо, алкохолните пијалоци за 7,5%, додека трошоците за култура биле поголеми за речиси 5 отсто.

За аналитичарите, високите цени за граѓаните ќе бидат реалност и во 2023-та година. Стапките ќе останат двоцифрени, што ќе биде голем удар за населението. Според Бранимир Јовановиќ, ако инспекторите не излезат на терен да пишуваат казни, цените ќе останат напумпани, а недостатокот на помош за најзагрозените може драстично да ја зголеми сиромаштијата во земјава.

Откако прехранбените компании добија поевтина струја, властите најавија поевтинувања на производите од декември. Освен некои помали поместувања надолу, тоа досега не се случи. Владата во повеќе наврати истакнаа дека очекуваат поевтинувања и до 12%.

Тања Попова

Advertisements