Официјално пуштен во употреба автопатот Миладиновци – Штип

По неколку пати одложување долго очекуваниот автопат Миладиновци – Штип и официјално е пуштен во употреба. Иако надлежните велеа дека поважно било да понудат безбеден автопат отколку да организираат свечености, сепак во последен момент се премислија. Свечена церемонија имаше, но се наздрави и за официјалното пуштање во сообраќај.

Новиот автопат го поврзува централниот со источниот дел на државата, а преку изградбата на новите експресни патишта Штип-Кочани и Штип-Радовиш побрзо ќе се поврзат и другите градови од југоисточниот дел.

– Вкупната должина на автопатската делница изенсува 47 километри со два коловози, со ширина на коловозот од 10,7 метри, со две возни ленти и лента за застанување со разделен појас од четири метри меѓу двата коловози. Вкупната дебелина на асфалтниот слој изнесува 19 сантиметри. Овој автопат има седум клучки кај Миалдинвоци, Средно Коњаре, Преот, Свети Николе-север, Свети Николе-југоисток, Кадрифаково и Три чешми. На автопатот има пет големи вијадукти, еден голем мост на река Пчиња, уште неколку помали моста, 13 натпатници, 35 потпатници и повеќе од 146 плочести цевасти пропусти, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Делницата почнува после клучката Миладиновци и се спојува со Коридорите 8 и 10. По автопатот има 7 клучки. Последната е „Три чешми“ каде е предвидено спојување со експресниот пат Штип – Кочани на кој се работи.

– Новиот автопат е од особена важност за регионалното поврзување со соседните земји како дополнителен импут за нашите евроитнегративни процеси. Капиталниот проект кој ќе придонесе за економски раст на државата, особено ќе го зајакне источниот регион како дел од Паневропскиот Коридор 8, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Автопатската делница Миладиновци – Штип е прва во источниот дел на државата. Инвестицијата е тешка над 200 милиони евра. Возачите конечно можат да возат по автопатот долг 47 километри и тоа во двата правци.

Автопатот е широк 27 m и располага со три ленти – две за возење и една за застанување во двата правци. Преку овој автопат од главниот град до Штип ќе може да се стигне за само 30 минути.

Светлосната и звучна сигнализација сега е целосно поставена. Долж автопатот има челична ограда, поставени се и знаците, како и мрежа за заштита од животни и звучни бариери.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 и според проектот тој требаше да биде готов до март 2017. По промената на власта надлежните соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

Борис Грујоски