Откако на Американците им дојде преку глава, власта призна дека правосудството ни тоне, но дали ќе има промени?

Ветувањата и зборовите ќе останат минато – доаѓањето на тимот од САД да детектира коруптивни функционери е порака која јасно ни укажува дека ќе мора да покажеме дела и резултати во борбата против корупција – децидна е претседателката на „Транспаренси интернешнал“, Слаѓана Тасева. Досега слушавме политички изјави дека ќе се води борба против корупцијата, се донесоа и закони а се прифатија и бројни меѓународни страндарди – но од тоа ништо не се спроведе, вели Тасева.

  • „Пораката најјасно може да се разбере дека повеќе нема да можеме да останеме на ветувања и зборови, туку дека треба да покажеме дела и резултати во борбата против корупцијата. До сега, повеќе од 20 години се носат закони и стратегии, се даваат декларативно изјави политички во најголем дел, дека ќе се води борба против корупцијата, се прифатија и сите меѓународни стандарди, се донесоа закони, но од тоа ништо не се спроведува. Тоа повеќе нема да се толерира, поготово сега кога сме членка на НАТО, и сакаме да станеме членка на ЕУ, мораме навистина сериозно да ги сфатиме овие пораки и да преземеме конкретни активности во борбата против корупцијата. Пред се тие што и сега даваат изјави и ветувања нека покажат конкретна акција, што е тоа што навистина ќе се направи. Ќе се спроведе ветинг, некој ќе ги преиспитува судските случаи, некој ќе направи увид во обвинителството зошто предметите чекаат со години и каде стојат постапките? Тоа се конкретни чекори. А не само ветување, дека од сега натаму кога ќе се докаже, кој ќе докаже  и како ќе се докажува? “ вели за Алфа, Слаѓана Тасева.

Изборот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал требаше веднаш да се коригира, Ислам Абази да се повлече и преку целосно транспарентна постапка да се повтори изборот. Ако пак победеше тој, никој ќе немаше проблем вели Тасева ама вака уште на старт се нарушува интегритетот на институцијата. Иста е сликата и во судството: Одлуките првично не се правно засновани а што да се каже за коруптивните однесувања и влијанија.

  • Грешката во изборот на јавниот обвинител требаше веднаш да се корегира. Прво може тој пак ќе добие, ако се оди на повторен избор, но прво требаше пренципиелно да се повлече и да остави простор да се повтори избор, во кој ќе се утврдат критериуми и ќе се знае целата постапка како ќе тече и кои се условите некој да ја добие таа функција. Ако повторно ја добие истиот човек, нема проблем, ние сите ќе биде согласни, но вака уште на почеток се нарушува интегритетот на тоа обвинителство.Значи уште кога има сомнеж за поставувањето на човекот за кого ние немаме никакви информации, а имаме информациите дека не работел во таа област, веднаш се добива впечаток дека ќе се продолжи со политиката на недопирливост и неказнување, и дека некој и понатаму треба да го штити крупниот криминал наместо да го гони. Во однос, на судството, исто така, повторно сомнеж дека се ќе остане по старо. Да се каже граѓаните да ги пријават случаите или секој корумпиран судија ќе биде казнет, треба да знаеме како некој тоа ќе го утврди. Каде можам јас да ги доставам сите одлуки за кои сметам дека се донесен од корумпиран судија и како тоа понатаму ќе се утврдува? Затоа што прво одлуките не се правно засновани, почнувајќи од тука, да не зборуваме за другите дела на коруптивни однесувања, кои вклучуваат интереси, влијанија и.т.н.“ – вели Тасева.

Американската амбасадорка испрати остри тонови дека корупцијата е толку широко распространета во Македонија што е една од главните причини зашто младите заминуваат од земјата.

  • Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа во оваа земја и што толку голем број на млади луѓе не сакаат да останат тука. Што толку млади Македонци, од било која заедница ја бараат првата прилика која можат за да обезбедат работа или живот во друга земја. И тоа е огромна загуба. Според мене, младите луѓе во оваа земја се докажено најголемиот ресурс. И тие се шансата за градење на економијата. Со нивното губење, земјава губи фундаментален дел од својата основа“- рече Агелер-американска амбасадрка во Скопје.  

Тимот за санкции од Вашингтон е веќе во Скопје и ќе ги лоцира коруптивните политичари во Македонија. Агелер  му зададе тешка задача на македонското правосудство – да покажат дека никој не е над законот. Но не само од Америка, дека „пари под рака“ е широко распространето во Македонија предупреди и германската амбасадорка и други претставниците на Европската Унија.

Викторија Миткова

Advertisements