Откако Владата чекаше цените да отидат „до плафон“, сега се сети пак да воведе мерки, граѓаните бесни

Прво цените „до плафон“, па дури сега мерки. Откако Владата свесно остави да завршат ограничувањата на маржите, без да најави нови мерки, и си молчеше неколку недели додека цените стануваа баснословни, сега се сети пак да ги ограничи трговските маржи за дел од производите. И сега пак, лебот, шеќерот, зејтинот и другите основни артикли ќе бидат продавани со помала заработка. Сепак изминатите 2 недели тие веќе поскапеа од 20% до 30%.

Отако сите цени заминаа „до плафон“ и поскапе буквало се, Владата реши од утре повторно да ја замрзне трговската маржа на 5% за лебот, маслото за јадење и шеќерот во трговијата на мало и големо, додека за оризот, млекото, јајцата, брашното и тестенините трговската маржа ќе се ограничи на 10%. Тоа значи дека овие производи ќе се продаваат со помала заработка, откако во добар дел од маркетите дел од нив, посебно тестенините поскапеле и до 80%.

  • По консултација со бизнис-заедницата, посебно со трговците на мало и на големо и со производителите на основните прехранбени продукти откако беше направен надзор на пазарниот инспекторат и согласно сите извештаи на предлог на Министерството за економија, Владата само што ја усвои одлуката за определување највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Според одлуката, почнувајќи од утре, откако ќе биде објавена во ‘Службен весник’, заклучно со 30 септември оваа година, за бел леб сечен на парчиња или цел, бел шеќер, сончогледово масло за јадење се утврдува трговска маржа од пет отсто во трговија на големо и пет отсто во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони, шпагети од тврда пченица, бел ориз, млеко и јајца се утврдува маржа од десет отсто во трговија на големо и трговија на мало“, кажа Бектеши.

Според министерот за економија, само по овој основ се очекува намалување на цената на производите за 6 до 7 денари. Одлуката на замрзнатите маржи ќе важат до крајот на септември.

Министерот, исто така, појасни дека во последниот месец нема толку голем раст на цените на енергенсите, туку напротив се намалени во споредба со претходните месеци и на берзата и на регулираниот пазар за да има толку голем раст на цените на производите во малопродажба.

Паралелно, нови мерки ќе има, ама после ребалансот, кои ќе бидат тие и како ќе се насочени, министерот не сакаше да каже. Рече само дека по новото прекројување на државната каса, со новите мерки ќе се оппафатат само најранливите граѓани и компании.

  • Дента кога ќе помине ребалансот во собрание ќе излеземе и ќе известиме за новите мерки кои ќе бидат таргетирани“, додаде министерот.

Граѓаните реагираа дека и покрај замрзнатите маржи цените на производите секојдневно растеа, а компаниите постојано се жалеа дека не можат да го издржат растот на цените на суровините и енергенсите. Голем дел од компаниите од 1 јуни ги зголемија цените на производите, а од Владата најавија засилени инспекции од страна на Државниот пазарен инспекторат.

Инаку веќе две недели во земјава нема ниакви мерки за ублажување на ценовниот шок. Покрај основните производи поскапе речиси се, од храната до горивата, а сега се најавува и ново поскапување на струјата.

Капак на се е инфлацијата, која стана двоцифрена и се искачи на историски највисоко ниво, која како алва им ја изеде платата на граѓаните.

Борис Грујоски