Откажа 40-години стариот водоводен систем за централното греење во прилепската Болница, пациентите се греат на греалки

Веќе две недели прилепската Болница е без парно греење. Среде голема енергетска криза и во ек на задолжителни мерки за штедење на електричната енергија, болничките соби и другите простории во оваа здравствена установа се затоплуваат на струја. Причина, дефект на 40-години стариот водоводен систем за централното греење, а на чие отстранување веќе се работело, се правдаат од Болницата. Оттаму велат дека Болницата досега има набавено 55 тони мазут, а со уште една веќе договорена набавка требало да пристигнат уште 25 тони, што би значело дека до крајот на февруари немало да има проблем со централното затоплување.

 „Главната цевка пукнала и пристапивме веднаш кон нејзино санирање..а тоа значи постапување кон итна набавка по тендер, согласно законските прописи… Очекувам во текот на утрешниот ден да се санира таа водоводна мрежа и да почне да функционира Котларата…Во моментов, како и секогаш во Болницата има дополнителни грејни тела и ниту еден пациент не се наоѓа во просторија која не е затоплена. Сите пациенти се сместени во оние простории каде што имаме дополнително греење, а тоа значи клими и дополнителни грејни тела“, – вели Кети Смилеска, директор на Општа болница – Прилеп.

  Од друга страна, прилепската Болница во континуитет се соочува и со други сериозни проблеми, а на кои се’ побурно реагираат и граѓаните, но и вработените. Хроничниот недостиг од лекари – специјалисти, како и неисплатените средства за работа во недела, се само мал дел од нив.

  „Обврските по однос на вработените, морам да нагласам, дека нивното право, согласно Законот за работа во недела, ќе биде испочитувано во оној момент кога ФЗО ќе ни ги префрли средствата коишто се наменети за исплата на нивното одработено време“, – кажа Смилеска.   

  Забелешки за менаџирањето со Болницата имаат и од ВМРО-ДПМНЕ. За нив тоа е лошо и недомаќинско и оди на штета на граѓаните.

  „Класичен пример за неспособност и немање апсолутно никакво чувство за менаџирање! Ја прашуваме новоизбраната директорка Кети Смилеска, која на јавноста и е позната како старо-нов кадар кој извесен период ја извршуваше функцијата в.д, дали излегла од канцеларијата, да прошета меѓу своите сограѓани, да го слушне нивниот револт и нивната мака, да ги праша како се задоволни од условите во болницата?“, – рече Христијан Тунески од ВМРО-ДПМНЕ, Прилеп.

   Прилепската Болница, инаку, сериозни проблеми со греењето имаше и во минатата грејна сезона, но тогаш причина беше ненаврермената достава на мазут.

  Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести