Осум години Диво Насеље: Годинава никој од Владата и Општина Куманово не им оддаде почит на жртвите

Без никакво оддавање почит од власта и Општина Куманово се одбележуваат осум години од трагичната вооружена престрелка во кумановско Диво Насеље, каде животот го загубија осум припадници на македонската полиција. Кај жителите на оваа населба се уште се свежи спомените од и повеќе од тешкото утро на 9-ти мај 2015-та година.

-Никој не го очекувал, јас кога станав за на работа да одам слушнав некои пукања околу пет сабајле. Не можевме на работа да одиме тој ден, два дена не можевме да одиме на работа, три  уствари.

-Сите бевме уплашени, знаеш како е пукање, па фала му на Бога што добро пројде, да не се повтори веќе никогаш.

-Беше страшно премногу, како да биде кога бев затворен 24 часа внатре во соба со 14 луѓе. Како да излегуваме. Како да излегуваме кога пукаа.

Единствено патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ со панихида во црквата Свети Никола во Куманово оддадоа почит на полициските службеници кои трагично го загубија животот во Диво Насеље.

-Уште пожално е што осум години после тие немили настани, денес да не е Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово, овие луѓе тотално се заборавени од државата Република Македонија, изјави Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.

За трагичните настани во Диво Насеље осудени беа 33 лица, од кои седум заработија доживотни казни затвор. А сега има најава дека дел од нив казната ќе ја издржуваат во затвор во Косово, бидејќи тука трпеле физичка и психичка тортура.

Од кабинетот на министерот Кренар Лога велат дека таа опција е отворена, но постеле и други услови кои треба да се исполнат, а меѓу нив и косовските власти да ги признаат пресудите за овој трагичен настан. Пандов е на ставот дека такво сценарио би било сол на раната на семејствата на убиените полициски службеници, за кои еден вид сатисфакција било што тие казните ги издржувале во македонски затвор.

-Што практично во превод би значело нивно ослободување. Страшно, брука и срамота и порака за секој еден дека во оваа држава излегува дека е лошо да си ја браниш татковината. Ако си ти бандит, ако си ти криминалец, корумпиран човек, ти ќе ги уживаш бенефитите, изјави Пандов.

Во престрелките во Куманово животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ од страна на тогашниот претседател Ѓорге Иванов.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски пред неколку години вети дека жртвите од овој настан ќе добијат споменик, но тој се уште го нема во Куманово.

Матеја Петровски

Advertisements