Остра преписка меѓу ИВЗ и Владата

Поглаварот на Исламската верска заедница со директни закани до Владата: ако за 10 дена не добие писмен одговор за намерите и активностите во врска со Али пашината џамија во Охрид, во пресрет на претседателската кампања, во 700 џамии во земјата ќе ги информирале муслиманските верници за, условно речено, игнорантскиот однос од државата.
И не само за Али пашината, во писмото ИВЗ предупредува и за верските објекти во битолското село Лажец, како и Хусамедин пашината џамија во Штип. Обвинуваат за „бавна, селективна и дискриминаторска денационализација на имотот од страна на државата“. ИВЗ смета оти, на овој начин, е тенденциозно отежнато одржувањето на верските објекти за што заедницата добила странски донации. Затоа, велат во писмото, ќе биле принудени и да ги информираат странците.
-Наспроти тоа МПЦ не дека ги има овие проблеми туку напротив е фаворизирана и привилегирана во секој поглед, се вели во писмото.
Владата ги отфрли обвинувањата дека било која верска заедница е фаворизирана. Им одговори оти со градење доверба а не уценувања се остварувале верските и сите други права, како и дека за споменатите верски објекти се водело постапки пред надлежни институции во кои извршната власт не се мешала.
-Во мултиконфесионално општество верските граѓански права и слободи се остваруваат преку постојан процес на градење на меѓусебна доверба помеѓу различните конфесии, а не преку ултиматуми, кои како правило на игра доколку го прифатат сите регистрирани верски заедници, сериозно негативно би се одразило врз општествената кохезија, одговараат од Влада.
Во последно време најтензична е ситуацијата околу Али пашината џамија. Иако изградбата на 32 метарското минаре беше официјално стопирано, сепак сведоштвата преку фотографии на охриѓани говорат за градење во полна пареа. Управата за извршување на санкции ја префрли топката кај државниот градежен инспекторат. Кој ќе попушти на крајот: ИВЗ или Владата веројатно ќе се знае многу скоро.
Искра Коровешовска