Останува неизвесноста кога ќе биде пуштен патот Штип-Миладиновци, како и доизградбата на експресниот пат Прилеп – Градско

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и понатаму не знае точно кога конечно ќе биде пуштен патот Штип – Миладиновци, а голема неизвесност има и околу доизградбата на експресниот пат Прилеп-Градско, која најверојатно ќе се пролонгира, најмалку за уште две години.

Според министерот Сугарески, во моментов се работело на 550 км патна мрежа низ земјава, а се интензивирале и активностите околу гасификацијата во Пелагонискиот регион, капитален проект за кој само во првиве четири месеци од годинава биле инвестирани 400 милиони денари, или 27,4 % реализација, што било еднакво на сработеното во текот на целата ланска година. Меѓутоа, она што, барем засега не се ни споменува, е изградбата на обиколницата околу Прилеп, која беше едно од покрупните предизборни ветувања.

Министерот Сугарески, кој денеска изврши увид во градежните работи од асфалтирањето на 4,2 км долгиот пат кон Прилепското вештачко езеро, инвестиција вредна 520.000 евра, лично бил задоволен од она што досега тој го сработил како прв човек во својот ресор.

Инаку, во делот на капиталните инвестиции, како што посочи Сугарески, имало сериозен напредок. Имено, ЈП за Државни патишта имало реализација од 30 %, односно ако ланската година до овој период имало реализација од 1 милијарда и 700 милиони денари, сега имало 4 милијарди денари инвестиции.

Каролина Дурло