Оставки без одговорност – Бухова не е единствениот пример

В. Д. директорката на државниот санитарен и издраствен инспекторат, Иринка Бухова, реши да се тргне од функцијата и тоа повеќе од четири месеци откако и истече нејзиниот мандат. Сега вели дека нема да бара реизбор.
Случајно или не, ова се поклопува со низата скандали поврзани со нејзиното работење, последен со приватната очна клиника Промедика за која опозицијата обвини дека правела операции без дозвола.

Пред помалку од еден месец Алфа ТВ обелодени дека директорката на санитарниот инспекторат, во службеното возило успевала да полни и бензин и дизел со парите на граѓаните, таа ги повика институциите да се заинтерсирале, но, освен од антикорупциската комисија под чија лупа е таа, од другите институции молк.
Повикувајќи се на презумација на невиност, од одбвинителството не откриваат дали против Бухова има оформено предмет.

Нејзиниот пример – оставка без одговорност не е единствен. За функционери вмешани во афери и сомненија за криминал и корупција стана пракса тивко да си заминат од функцијата, но, без да одговараат пред законот.

За поранешниот директор на фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, пред две години во јавноста изби аферата „Рекет 2“, за кратко потоа во јавност да се појави и видео во кое се гледа како тој зема поткуп во кеш. Во тие моменти, обвинителството се изјасни дека не може да започне постапка врз основа на нецелосни снимки, а неговите сопартијци Заев и Шеќеринска јавно застанаа во негова одбрана. Во мај истата година тој си поднесе оставка, поради, како што кажа, лични причини. Беше казнет само 150 евра оти не доставил документи до Антикорупциска комисија. Алфа праша во Обвинителството до каде е овој случај, но оттаму не открија многу.

„Во интерес на постапката и почитување на начелото на пресумпција на невиност, сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни, па согласно тоа јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе можат да се споделат повеќе детали што нема да и попречат на постапката.“ – Велат од обвинителството за Алфа.

Ништо поразлично не беше ни аферата со европските фоднови на поранешната директорка Лидија Димова. Илјадниците евра давани за тренинзи на магариња, избор на сирења, едукација за медиумска писменост од страна на берберница – ја кренаа јавноста на нозе. Под притисок на јавноста поранешниот премиер Заев побара од Управниот одбор на агенцијата да ја разрешат Димова заради неетичко постапување. Од Обвинителството за Алфа велат дека се уште чекаат одговор од судот дали обвинението е издржано или не.

Никола Цветкоски