Оставката на Котевски ќе се чува во фиока до избори

Директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски ќе остане на функцијата. Оставката што ја поднесе, Владата ќе ја разгледува по претседателските избори. Тој има можност да се повлече од функцијата директор, и покрај тоа што Владата нема да ја разгледува оставката, а на негово место да има вршител на дожност.

-Со оглед на тоа што оставката е поднесена во период откако се објавени претседателските избори, истата ќе се разгледува по завршување на изборите, штом заврши забраната за разрешување и именување согласно Изборниот законик, велат од Владата.

Во истиот законик стои дека од денот на распишување на избори се забранува постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Напад на поранешни министри зад затворски врати, за кој и при првичната проверка од затворот се констатирани пропусти, веројатно, според владините претставници не е состојба на итност.

Против 11 надзорници во Истражниот затвор во Шуто Оризари, веќе се покренати дисциплински постапки поради пропусти во работењето, а како последица на истите, бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот, иако постоеле можности за превенција.

Истрага спроведе и народниот правобранител, и констатирал низа неправилности и непочитување на безбедносните протоколи и правила за работа кај затворската управа. Пропусти, според Васка Бајрамовска – заменик народниот правобраниетел имало и во однос на начинот на кој што притворените се извадени на шеталиште, за начинот како е извршен прегледот потоа, и во однос на проценката на безбедносниот ризик.

Заменик народниот правобранител потврди дека кај дел од учесниците во минатонеделниот инцидент биле пронајдени мобилни телефони, туку и марихуана.

Сè уште се чека на извештајот на Управата која врши надзор на работата на затворот, по што можеби ќе се зголеми бројката на вработени кај кои се евидентирани пропусти во работењето.

Додека затворските власти испитуваа каде потфрлил системот или нападот на поранешните министри бил исцениран, деновиве преку писма и статуси на социјалните мрежи, кумановската група, обвинети за настаните од Диво Насеље, упатуваа многубројни закани на адреса на Јанакиевски и Ристовски, но и на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како и до првиот човек на ДУИ.
Министерот за внатрешни работи уверува дека дека веќе се постапува по овие случаи.

Поранешниот министер Миле Јанакиески е дома, судот ја преиначи првичната одлука и мерката притвор му ја замени со куќен притвор, но во Шутка остана Спиро Ристовски.

Сања Трајковска Ставров