Османи упорен со таблата и со кредата иако Софија веќе го демантираше

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска објави ново видео преку кое се обрати до граѓаните заблагодарувајќи им се за коментарите и за дискусијата кои произлегле од видеото кој тој сними пред 20 дена.
Во тоа видео, на училишна табла и со креда во раката министерот сликовито ни ја црташе суштината на преговарачката рамка со Европската Унија. Во денешното видео, министерот вели дека и по 20 дена се уште немало аргументи против ова тврдење
Сепак, уште следниот ден од МНР на Бугарија ја реафирмираа нивната позиција во која, меѓу другото, се предупредува дека Софија очекува „совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување“.
На сајтот на бугарското МНР прецизно е наведено дека е потребно постигнување опипливи резултати и совесно спроведување на Договорот за добрососедски односи.
Оттаука јасно и недвосмислено може да се заклучи дека тоа што министерот го црташе на табла, објаснувајќи дека за остварувањето на преземените обврски од билатералниот договор со Бугарија и за два протокола немало да се гласа и немало да има писмени извештаи, е манипулативно толкување на Преговарачката рамка.