Османи уверува дека државата е стабилна – заканите за бомби имале регионален контекст

Дојавите за поставени експлозивни направи во објекти очигледно имаат регионален контекст и мора да се нешто сериозно – затоа Македонија побарала помош од НАТО, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи. По подолг период на секојдневно сеење страв во училишта, јавни објетки, министерства, трговски центри македонските власти решија посериозно да му пристапат на проблемот, иако тоа што ги контактиравме НАТО не дава многу надеж дека ќе се разоткријат сторителите бидејќи како што вели Османи, НАТО нема механизми за инвестигација. Топката е цело време кај Министерстовто за внатрешни работи, кое го води овој процес, а се очекува партнерските служби од Интерпол и Европол да помогнат.

НАТО нема такви механизми, НАТО може да даде поддршка во однос на зајакнување на системот, односно дијагностицирање на слабостите, и системот да стане поотпорен на вакви хибридни сајбер закани. Сепак, проценивме дека ова очигледно ги надминува нашите граници, и јас тоа го потврдив во Црна Гора, кога на прес конференција со премиерот доминираа вакви прашања околу дојави за бомбите. Тоа веќе ми даде сигнал дека ова не е игра на тинејџери и адолесценти, ова има регионален контекст, тоа се две земји членки на НАТО, и мора да се нешто сериозно. За да ја свртиме леќата дали се ова можеби напади кон земји членки. Тие ни одговорија дека се информирани и правеле анализи за тоа што се случува – изјави Османи.

Алфа уште пред еден месец испрати прашања до надлежните, дали ќе побараме помош од НАТО или други партнерски служби кои би помогнале во разоткривање на случаите или за поголема заштита на системот од хибридни напади, но одговорите се однесуваа на тоа дека „се користат механизмите на меѓународна помош, меѓународни безбедносни и полициски организации“, без конкретен одговор дали е упатено официјално барање за помош до НАТО. Но дека не е испратено барање, добивме потврда од Алијансата.

Дека заканите за поставени бомби се сериозен проблем кој бара итно решение покажува и алармот на Германија. Официјален Берлин ги предупреди Германците кои планираат да патуваат во Македонија да се информираат од доверливи извори во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на безбедносните сили. Дојавите за поставени експлозиви прво пристигнуваа во училиштата а најмногу на атак е главниот Град. Имаше во министерства, трговски центри, хотели, станбено-деловен комплес, железничката станица, полициската станица во Центар. За прв пат вчера лажна дојава имаше и на скопскиот аеродром а сите летови беа одложени за неколку часа.

Адријана Алексиеска

Advertisements