Османи со дипломатски речник: Амнестијата и поддршката за уставните измени се во условена корелација

Вицепремиерот Османи индиректно призна дека амнестијата и поддршката за Уставните измени се во условена корелација. Го спакува со дипломатски речник оти помирувањето било важен услов за да се обезбеди комуникација и соработка помеѓу колегите пратеници во овие, како што посочи, клучни моменти за државата.

Но, дали законот за амнестија не е удар врз правото во ситуација кога се уште нема пресуда за 27 април, па не се знае кој ќе биде осуден?

Османи не испушти да спомене дека неговиот шеф, Ахмети, одиграл клучна улога во „дотерувањето“ на уставните амандмани, бидејќи како што посочи, секоја точка или запирка можела да значи пратеник повеќе, односно пратеник помалку.

Дел од експерите изминатите неколку дена гласно предупредуваа дека со законот за амнестија се подрива владеењето на правото. Амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и фантомки, и кои ги пречекориле службените овластувања.

На обвинетите им остануваат уште два дена да се изјаснат дали ќе побараат да бидат помилувани или ќе одговараат пред судовите. Помеѓу петмината кои веќе поднеле барања до судот, е и пратеникот Крсто Мукоски, а двајца од 33-та обвинети за настаните во Собранието од 27-ми април , Јане Ченто и Игор Југ јавно посочија дека правдата ќе ја бараат на суд.
Според процедурата, на 30 декември ќе се знае кој ќе се спаси од затвор.