Османи се уште го нема објавено протоколот со Бугарија – зошто се крие содржината на овој суштински документ?

Зошто власта го крие билатералниот протокол ако тој не ги руши сите македонски позиции…Ветувањата на министерот Бујар Османи паднаа во вода, помина и викендот ама текстот на протоколот се уште не се објавува. Иако власта тврди дека тој не е дел од францускиот предлог, протоколот е заменет со зборот годишен извештај и е всушност записникот од втората меѓувладина седница меѓу Скопје и Софија. Во протокол се наоѓаат обврските што сме ги презеле за имплементација на Договорот за добрососедство и пријателство во делот на историската комисија – говорот на омраза, учебниците, спомениците, отворањето на досиејата на УДБА итн. односно познатите услови 4+1“ барање. Премиерот веќе потврди дека протоколот е завршена работа која е усогласена од двете страни.

Во новата верзија Протоколите не се споменуваат, но дека станува збор за истиот документ потврдува фактот дека носечки момент е членот 12 од Договорот за добрососедство што практично значи дека еднаш годишно на меѓувладин состанок Софија ќе проверува што сме сработиле, па ако биде задоволна од спроведувањето на Договорот за добрососесдство ќе дозволи да продолжи пристапниот процес. Во протоколот се и записниците од мешовитата историска комисија, што значи дека и доколку власта се согласи историските прашање стануваат дел од преговарачката рамка, наспроти нивните уверувања дека за историјата не се преговара.

Османи молчи и го крие протоколот, а бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска уште минатиот месец текстот на протоколот го испрати до Комисијата за надворешна политика во Софија.

Додека ние чекаме на македонските власти, бугарските медиуми наголемо пишуваат дека закажана е онлајн средба на Османи и Генчовска токму за протоколот.

Досега владата ги објави Преговарачката рамка, Изјавата на ЕУ при отворањето на преговорите и Заклучоците на Советот на ЕУ, но недостига еден клучен документ – протоколот.

Ивана Соколовиќ Најдова