Османи на своја рака договарал промени во учебниците без договор во Комисијата

Османи на своја рака договорил да се менуваат учебниците по историја и по географија за 7 одделение, но и учебникот по географија за 2-ра година средно, затоа што Историската комисија тврди дека договор за ова нема. Според нив, овие теми се уште се на маса, што е чудно затоа што шефот на дипломатијата веќе стави потпис на документ со кој Македонија веќе прифатила промена на лекцијата за цар Самоил, но и за промени во учебникот по географија за 7 и втора средно. „Тоа прашајте си во МНР“  – е одговорот на Драги Георгиев, првиот човек на Комисијата од македонска страна кога беше прашан кој ја договарал промената. Само спомена дека Мешовитата комисија е на крај со преговорите за измени во учебниците за седмо одделение кај нас и шесто во Бугарија.

Со потписот кој го стави Македонија на 17-ти јули, се обврза на „Темата за историјата“ владата да „(ќе) подготви и достави прелиминарен урнек“ од лекција за 7. одделение на темата Самоилова држава. Но не само тоа. Во истиот документ, во делот “Мерки кои треба да бидат преземени“ сме се обврзале:

Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2()23-2()24 да ја промени содржината на учебникот по географија за II година реформирано гимназиско образование, заради неосновани етнички/територијални претензии.

Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета.

Инаку, според протоколот за источниот сосед, во учебникот за 7-мо спорни ќе бидат и лекциите за Букурешкиот мировен договор, положбата на Македонците во Бугарија, Антифашистичкиот отпор, Балканските војни…

Во протоколот стои и дека двете држави, преку надлежните институции, треба да „подготват и претстават предлог-текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата“ за настаните и историските личности од „заедничката историја за кои Комисијата постигнала согласност“. Во предвид треба да земат и натписите на таблите, историските спомени и информациски материја во музеи и други објекти од образовно и културно значење. Но засега никој, ниту МНР, ниту Комисијата вчера, не кажуваат односно не знаат кој на што се согласил.

Викторија Миткова