Османи демантира дека ќе биде сменет за мир во ДУИ, Ракип Дочи предупредува дека партијата ќе го загуби и Скопје

Лажна вест која не заслужува коментар – првиот човек на македонската дипломатија остро ги демантираше информациите во јавноста дека тој ќе биде жртвеното јагне за мир во куќата. Откако повеќе медиуми објавија дека за да се смират незадоволните членови на ДУИ, од раководството им било доставен предлог Османи да биде сменет од функцијата министер, шефот на МНР овие информации ги декларираше како „глупости“.

Се чини дека никој во високото раководство не го смета за многу сериозно писмото на кое се потпишаа 20 истакнати членови, меѓу кои и луѓе што имале високи функции во државните институции. Тие од Ахмети побараа враќање на единството во партијата но и да преземе нешто во врска со Груби кој се однесувал како партиските избори да се негова привилегија. Сепак, партискиот врв стои на ставот дека имало големо ниво на демократија, секој можел да го каже својот став, но лидерот Ахмети го имал последниот збор.

Лага е дека имало предлог за моја смена и тоа не заслужува никаков коментар посебно кога настапувам како министер. Во однос на отвореното писмо од група членови на ДУИ ќе кажам само дека имаме голема внатрепартиска демократија и секој може да си го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети. А со вчерашната изјава на Ахмети оваа приказна е завршена – рече Османи на брифингот во МНР.

Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.

Иницијативата на таканаречената „огнена група“ ја поддржа и поранешниот висок фунционер на ДУИ кој беше и директор на скопски „Комуналец“. Ракип Дочи предупредува дека откако првиот човек на интегративците застана зад Груби, партијата е на прагот да ги изгуби и позициите во Скопје.

Никој нема право да се крие зад ликот на Али Ахмети, но тоа право го ужива Артан Груби. ДУИ не може да биде ничија сопственост, бидејќи „тоа е тврдината градена од 2002 година со потта на многуброни активисти, тоа е замок кој никој не смее да го земе“. Летово, за поразот на локалните избори во Тетово, не е директно виновен лидерот, носителот на неуспехот е Артан Груби. Ако тој факт и натаму се толерира, утре може да се доживее пораз и во Скопје и пошироко. Така што оваа иницијатива е обид да се спаси ДУИ и конкретно неприкосновениот лидер Али Ахмети – напиша Дочи.

Првиот вицепремиер Артан Груби се уште молчи за обвинувањата од членството. Тој се појави на настан заедно со Али Ахмети но не даде изјава за медиуми. Јавноста доби одговори од лидерот на ДУИ, дека партијата можела без секого, па и без 20-те членови кои се потпишаа на писмото.

Адријана Алексиеска

Advertisements