Османи го правда Ахмети ама се согласува и со реакцијата на ОБСЕ за слободата на медиумите

Првиот дипломат го правда неговиот партиски шеф Али Ахмети по реакцијата на ОБСЕ со која токму тој сега претседава, за скандалозните изјави во кои националните телевизии Алфа и Телма беа прогласени за непријатели на Албанците. Османи се согласува со критките од ОБСЕ, дека слободата на медиумите е неприкосновена, и слободни медиуми градат слободни и отворени општества, но во истовреме го брани претседателот на неговата партија дека бил изваден од контекст.

ОБСЕ има посебна институција, а тоа е претставникот за слобода на медиумите, како автономна институција која што се грижи дали земјите членки ги исполнуваат заложбите на ОБСЕ во делот на слобода на медиумите и тоа ние ќе го правиме, бидејќи нашиот фокус е пред се влијанието на ОБСЕ во општествата и врз луѓето. Во однос на конкретните изјави мислам дека се расчистија. Прво, Ахмети беше изваден од контекст, затоа што медиумите беа спомнати само како медиум каде што е забележана таква тенденција во контактни емисии, обвинувајќи ја политиката дека на некој начин ги поларизира граѓаните во тие контактни емисии да изразат такви квалификации по однос на сограѓаните од друга етничка заедница. Тоа беше констатација на господинот Ахмети дека во две телевизии видел контактни емисии во коишто граѓаните под влијание на поларизацијата што ја предизвикува политиката кажуваат квалификации кон сограѓаните коишто може да имаат негативни тенденции, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека и Ковачевски изразил личен став по однос на ова прашање.

Не само што бил изваден од контекст, туку и погрешно ги прецизирал медиумите.

Во реакцијата на Организацијата за безбедност и соработка на Европа за изјавите на Ахмети но и премиерот Ковачевски кој ја коментираше уредувачката политика на споменатите медиуми стоеше дека: Медиумите кои уживаат максимална уредувачка независност, имаат важна улога во слободни и отворени општества со одговорни системи на владеење. Нашата Мисија е силен поддржувач на слободата на медиумите во Македонија.  

Според Османи, оваа реакција има уште поголема важност бидејќи Македонија од 1 јануари годинава претседава со меѓународната организација.

Адријана Алексиеска

Advertisements