Османи во стил на професор во средно: На табла ја нацрта преговарачката рамка и држеше лекции за прифаќање на уставните измени

Со сунѓер, креда и табла пред него, првиот дипломат во стил на професор во средно училиште реши да не убедува зошто требало да ги прифатиме уставните измени. Ни објасни што содржела преговарачка рамка, имала општ и посебен дел. За општиот немало гласање од земјите членки, односно треба да ги прифатиме уставните измени и да ја добиеме таа втора меѓувладина конференција.

-Во општиот дел се т.н. општи одредници од преговарачката рамка, за кои што нема извештај, нема писмен извештај од страна на Комисијата. И за кои нема да има гласање од земјите членки, односно од Европскиот Совет, изјави Османи.

Османи сепак е контрадикторен..Во еден дел од предавањето вели дека Бугарија веќе не може да не блокира врз основа на договорите со нив, но во друг дел вели дека тоа е можно кога ќе се отвори поглавјето за малцинските заедници.

-Во еден од патоказите, патоказот за владеење на право, се наоѓа акциски план за малцинства. Само ова прашање, ако можеме да кажеме од односите со Бугарија е одредница за која што ќе има писмен извештај и ќе има гласање и евентуално може да биде некоја хипотетичка пречка, изјави Османи.

За уставните измени консензус нема, ниту пак има поддршка од мнозинството граѓани. Сепак и тие да поминат за земјава нема да бидат гаранција за брзо членство во ЕУ. Тоа го признава и самиот Османи кој е свесен дека ќе мора да исполниме уште многу занадминување на пречките и критиките за реформи во делот на владеењето на правото, правосудството и корупцијата, кои се клучни сегменти за европскиот напредок. Тие се дел од 35-те поглавја, кои може да бидат пречка на Македонија на патот кон Брисел.

-Овие скалила се всушност 35-те поглавја, за секое отворање и затворање на поглавје, треба да се исполнат одредени услови кои се нарекуваат одредници. Имаме одредници за отворање на поглавје, имаме одредници за затворање на поглавје. За тие одредници има писмен извештај од Европската Комисија и има гласање од страна на земјите членки, порача Османи.

Инаку, со прифаќањето на Францускиот предлог пред една година, Македонија доби меѓувладина конференција за сликање, а за реален старт на преговорите со ЕУ ќе мора да ги внесеме Бугарите во Уставот, а потоа и да работиме на многу други полиња, доколку сакаме членство во ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста