Османи вели дека кога ќе дојде време ќе го кажат ставот за францускиот предлог, Румен Радев ликува

Наместо цврст став по националните прашања откако беше објавен францускиот предлог кој значи и сериозни отстапки од Македонија, македонската влада ќе градела позиција откако сите земји членки ќе имале заеднички став. На само пет дена до донесување на одлуката на европскиот Самит, министерот Бујар Османи тврди дека до Скопје немало пристигнато никаков текст од француското претседателство, ама будно следеле што се случува додека во Бугарија наголемо се калкулира со кревање на ветото.

-Има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став, рече тој.

Објавата на текстот на предлогот кој значи целосно прифаќање на сите бугарски барања вклучително и дека немало Македонци до 44-та година од страната на пратеникот антониот Милошоски , за Османи било политичка агенда на опонентите. Наместо да одговори дали македонската влада знаела што содржи предлогот и тоа го криела од јавноста, министерот за надворешни работи само кратко одговори сега не било време за ексклузивитети, туку за градење заеднички став.

А бугарскиот премиер Кирил Петков чија влада стои на стаклени нозе по избивањето на политичката криза, одговорноста за кревањето на ветото за македонските интеграции ја префрла на Народното Собрание.

-Повторно велам дека нема да донесам никаква одлука без да бидам поддржан од ставот на Народното собрание. Се додека Националното собрание не донесе одлука, не можам да кажам дали или не е укинато ветото на Република Македонија. Секогаш си го одржувам зборот. Ова му го ветив на бугарскиот народ и на бугарскиот парламент и ќе го одржам, вели Петков.

Откако бугарскиот премиер Петков најави дека во Брисел ќе оди само со одлуката на Собранието , шефот на државата Румен радев остро го нападна – да престане да биде француски курир , туку бугарски премиер. За Радев сепак францускиот предлог бил вистинска одлука но сепак не попушта, имало уште многу работи ко требало да бидат завршени до кревање на ветото.

– Кабинетот никогаш не успеа да подготви бугарски предлог за случајот со Македонија, а сега го поднесува францускиот. Во исто време, прашањето го префрли на Народното собрание без да каже јасен став. Премиерот не може да поднесе нешто во парламентот без да се изјасни позиција. Тој не е курир, туку премиер! Францускиот предлог за Македонија е чекор во вистинската насока, но сè уште има прашања што треба да се разјаснат, вели Радев.

Предлогот на Француското претседателство веќче е пред бугарските народни избраници. Сега на потег е токму Парламентот кој треба да постигне согласност за решението кое го стокми Франција за надминување на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија. На 23 и 24 јуни европските лидери на маса треба да го стават прашањето за бугарското вето и почетокот на преговори за Мкаедонија и Албанија а од тоа ќе замиси во која насока ќе се движат македонските интеграции.

Ивана Соколовиќ Најдова