Ослободителна пресуда добија Нефи и брат му за претепување на Топалоски

Исказот на тепаниот Спиро Топалоски беше поверодостоен доказ од видео снимките за судијката Билјана Белевска – Пројковска, за да ги ослободи од обвинение браќата Нефи и Ибро Усеини. Пројковска донесе ослободителна пресуда повикувајќи се на исказот кој охриѓанецот Топалоски го дал пред судот, а е контрадикторен со исказот што преходно го имаше дадено во Обвинителството.  Во пресудата напишана на петнаесет страни стои дека од снимките јасно се гледа како е тепан Топалоски, тие му биле покажани и нему, но тој останал на исказот дека повредите не му ги нанел Усеини, туку,  непознато лице кое го удрило од зад грб, спротивно на она што го кажа во Обвинителството дека повредите му ги нанеле браќата Усеини.

„За овој суд неспорно е дека во конкретниот кривично правен настан оштетениот Топалоски бил телесно повреден, од страна на сега обвинетите. Ваквата констатација произлегува од изведените докази снимки од видео надзор поставен во Хотелот Ј.во О., на кои јасно се гледа какви дејствија превземаат обвинетите при физичкиот напад врз оштетениот…“ пишуваат  од „А1он“ кој дошле до пресудата.

Топалоски веднаш по инцидентот испрати фотографии до медиумите на кои се гледаше тој, целиот преврзан со завој на главата. Но, по само неколку дена го промени исказот, па „квази криминалецот“ како што го нарекуваше Нефи Усеини, стана негов пријател и тврдеше дека никогаш не бил нападнат од него и од брат му. Токму ова го пишува во пресудата, но исто така пишува дека во текот на судењето Топалоски се однесувал како да сака да им помогне на браќата Усеини да не одговараат пред законот.

За овој суд е неспорно и дека таквите повреди на оштетениот му ги нанесле сега обвинетите  Н.У. (Нефи Усеини) и И.У. (Ибро Усеини). Но, со ваквите дејствија тие го сториле кривичното дело “Телесна повреда“ за кое кривично дело пак, постапката се води по приватна кривична тужба од оштетениот“, се заклучува во пресудата.

Судскиот процес кој траеше речиси две години помина низ многу турбуленции. Со не ретко менување на исказите на сведоците и редовни одлагања на рочиштата поради отсуство на обвинетите или сведоците.

За потсетување,ова не е единствениот инцидент на Усеини. Во 2019-тата го натепа професорот Иљас Иљази, со тупаници се пресметуваше и со советникот Џемал Мена,а не ги поштеди ниту градежните инспектори кои вршеа увид на дивоградбата во центарот на градот. Пред само шест дена Нефи Усеини натепа и 56 годишен сограѓанин, кој учествувал во наддавањето за тезгите на кејот во Охрид..

Викторија Миткова