Оскари 2019: „Green Book“ најдобар филм, Рами Малек и Оливија Колман најдобри актери

Синоќа во Лос Анѓелес беа доделени 91-те награди на Американската филмска академија

Најдобрите актери на 91-те Оскари / фото: AFP

Биографскиот филм за култниот бенд Квин, „Bohemian Rhapsody“ освои 4 Оскари на доделувањето на 88-те награди на Американската филмска академија, додека „Green Book“ освои три статуетки, меѓу кои и за филм на годината.

Покрај главното признание, Махершала Али го освои оскарот за најдобра споредна машка улога за портретирањето на пијанистот Дон Ширли во „Green Book“, филм на кој му припадна и оскарот за најдобро оригинално сценарио. Ова е втор оскар во истата категорија за Али, откако претходно го освои ласкавото признание за споредна улога во филмот „Moonlight“.

Меѓу изненадувањата на вечерта беше и Оливија Колман која во силна конкуренција го освои Оскарот за улогата на Кралицата Ана во филмот „The Favourite“, додека пак кај мажите во оваа категорија помалку очекувано триумфираше одличниот Рами Малек кој според сите критики беше главен фаворит за брилијантниот портрет на Фреди Меркјури во филмот „Bohemian Rhapsody“.

Еден од фаворитите особено во категоријата филм на годината, „Roma“ мораше да се задоволи со три оскари меѓу кои највреден е оној на режисерот Алфонсо Куарон, а исто толку одличја понесе и суперхеројскиот „Black Panther“.

Режисерот на „Green Book“ Питер Фарели напомена дека филмот е снимен со многу љубов и почит, додавајќи дека сите мораме да се сакаме без оглед на разликите. Најдобриот филм е инспириран од вистинската приказна за афро-американскиот класичен и џез пијанист Др. Дон Ширли и неговиот телохранител Тони Валелонга кои тргнуваат на турнеја по американскиот југ во 1962 година.

Рами Малек, 37-годишниот актер кој беше номиниран за прв пат во својата кариера, го освои оскарот за портретирањето на починатиот лидер на групата Квин, Фреди Меркјури. Малек пред Оскарите за своето ремек дело ги собра наградите БАФТА, Еми и Златен Глобус.

„Можеби не бев првиот избор за оваа улога, но мислам дека испадна солидно. Ви благодарам што ми дозволивте да бидам мал дел од вашето огромно наследство. Ви останувам должник засекогаш.“ изјави Малек благодарејќи им на членовите на Квин.