Освен промената на името си донесовме и други проблеми: Преспанскиот договор ги зголеми и бугарските апетити
Покрај лепењето на Северна, Преспанскиот договор ги зголеми и барањата на Бугарија. Историчарот Ванчо Ѓоргиев смета дека кога Бугарите виделе што сме потпишале во Нивици, почнале да бараат анекс на договорот за добрососедство. Тој е на ставот дека на крајот токму источниот сосед бил незадоволниот од тоа што го потпишал.
-Уште првите три четири месеци кога видоа што се случи потпишувањето на договорот, кога видоа што се случи со Преспанскиот договор, почнаа да бараат анекс на договорот. Всушност сето она што се случува после е анекс односно проширени барања, затоа велам се тоа е надвор од договорот, очигледно на Бугарите не им се допаѓа договорот таков каков што го потпишаа, изјави Ѓоргиев.
Според Ѓоргиев сепак од Преспанскиот договор барем сме добиле нешто, односно Грција ја немаме како непријател веќе, што не е случај по договор со Бугарија, каде само ги зголемивме бугарските апетити.
-Независно од сите реперкусии кој што се по нас, сепак би бил помал проблем веќе. Значи имајќи ги во предвид и геополитичките и геостратешките околности кои што се одвиваат на просторот, изјави Ѓоргиев.
Според Ѓоргиев тешко е да се очекува некаква промена на Преспанскиот договор, но вели не би требало никогаш да се откажеме, бидејќи кога е во прашање некакво подобрување никогаш нема непроменлив договор.
-Прва работа тоа е договор кој што има една меѓународна гаранција, за разлика од договорот со Бугарија кој што е билатерален. Меѓутоа тоа се прашања, кој што можат долго долго време да се дебатираат. Нели ние можеме да си зборуваме и да посакуваме колку сакаме, но треба соодветни услови. Така што било кое напнување во овој момент мислам дека е неизводливо, но тоа не значи дека вие треба да се откажете и да не работите на негово подобрување и на негова промена, бидејќи нема непроменлив договор, изјави Ѓоргиев.
Барем засега обврските од Преспанскиот договор речиси во целост ги исполни Македонија, покрај променетото име, дел од институциите кои беа македонски станаа национални, брусени беа шахтите каде го имаше сонцето од Кутлеш, а на спомениците каде го има тој македонски симбол беше допишано дека биле дел од хеленското наследство. За разлика од нас, за жал Грција не ги исполнува ни оние малку обврски кои го доби со потписот ставен во Нивици.
Матеја Петровски