Освен Бугарите во Преамбулата ќе влезат и Египќаните и Израелците?!

Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ… бугарскиот народ, црногорскиот народ, хрватскиот народ, израелскиот народ, египќанскиот народ и другите. Вака би изгледал дел од Преамбулата на Уставот доколку се остварат најавите на премиерот Димитар Ковачевски.

– Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконфесионално општество и сме докажани како такви во Европа, практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени“, рече Ковачевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

За експертите, нема ништо спорно во внесувањето на повеќето заедници кои живеат во Македонија, во Уставот бидејќи концептот на Македонскиот Устав го дозволува тоа. Сепак се дава впечаток дека овие најави се само обид да се смири топката, дека нема да бидат само Бугарите тие кои ќе влезат во Уставот. Поранешниот претседател на Уставниот суд оцени дека отворањето на Уставот доаѓа во време на многу други предизвици со кои треба да се соочи Македонија.

Ковачевски најави и внесување на „дел од израелскиот народ“, што се однесуваше на Евреите, кои подолго време бараат да бидат внесени во Уставот. Еврејската заедница реагираше дека тоа не е соодветна формулација. Велат дека тие се дел од оваа држава, и со своите патриотски чувства кон Македонија не се разликуват од останатите Македонци.

Не сум сигурен дека е најсоодветна формулацијата што ја употреби премиерот „дел од изразелскиот народ“, бидејќи Израел е посебна држава. За ова треба да се разговара уште малку. За нас е најприфатливо едноставно да стои Евреите од Македонија – вели Пепо Леви од Еврејската заедница.

Од Партијата за европска интеграција реагираат дека премиерот заборавил да ги спомне и Торбешите. Тие се уште една од етничките групи кој бараат да бидат внесени во Уставот.

Се надеваме дека не е намерно и не е тенденциозно тоа што премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи за уставните промени, не ги наведе и Торбешите, како една од етничките групи која побара и треба да биде наброена во Преамбулата на Уставот, вели за Плусинфо Алија Камбероски, вршител на должноста претседател на Партијата за европска интеграција (ПЕИ)

Отворањето на Уставот веќе подолго време предизвикува спротивставени ставови кај јавноста и стручната фела. Посебно бидејќи доаѓа како резултат на условувањата на Бугарија, за вистински почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Инаку, според последниот попис, во земјава има 4174 Торбеши, 3504 Бугари, 2406 Египќани, 2145 Хрвати, 1023 Црногорци, 66 Евреи.

Адријана Алексиеска