Оризопроизводителите најавуваат нови блокади

Нови протести и во новата година најавуваат оризопроизводителите од Кочанско. Ќе го блокираат патниот правец Облешево-Кочани, доколку до крајот на месецот не им се исплатат редовните субвенции и дополнителните средства во висина од 3 денари предвидени со  ковид мерката . Бараат итна средба со министерот, во спротивно излегуваат на блокада.

 „Дополнителните субвенции од 3денари да бидат исплатени за реколта 2021, а редовните за 2022 да бидат исплатени до крајот на месец јануари . Пролетната сеидба почнува и ние без тие пари не можеме да почнеме“ изјави Здравко Арсов, од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството.

 Оризопроизводителите се револтирани бидејќи како што тврдат им било ветено редовните субвенции да им ги  исплатат до крајот на годината, но за жал сметките се уште им се празни. Велат дека се ставени пред свршен чин, бидејќи пари за подготовка на нивите  за новата сеидба, немаат.

  „Сеидбата почнува од 15април, меѓутоа овие месеци се прави подготовка на земјиштето  кое треба да биде посеано со житни култури или ориз . Значи припремата ќе почне, во февруари ќе почнеме со орање на нивите„-изјави Здравко Арсов, од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството.

Масовни протести најавуваат и од Самостојниот синдикат на земјоделци, од каде што реагираат на новиот модел на субвенционирање. Според нив наместо перспектива, новиот начин ќе ја уништи и последната надеж кај земјоделците, бидеќи се условуваат со задолжително ангажирање на агрономи и осигурување на посеви , во време кога голем дел од нив, својот род го продаваат по цена пониска од производната.

Александра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста