Организација на потрошувачи: Ако маркетите не ги спуштат цените за 10%, да се замрзнат крајните цени како што беше ветено

Ако маркетите не ги спуштат цените за 10%, да се замрзнат крајните цени на основните прехранбени производи како што вети министерот за економија – побара Организацијата на потрошувачи. Оттаму велат дека во услови на енормни поскапувања, на граѓаните секој денар им е важен и гледаат што е можно помалку да потрошат на храна. Сепак, се уште се надеваат на фер практики на трговците. Во спротивно, бараат утврдување максимални цени.

Граѓаните се уште се жалат на расипани производи бидејќи дел од маркетите ги гасат фрижидерите навечер поради прескапата струја. Исто така се уште има случаи на пониски цени на полиците во продавниците, а други повисоки на каса. Од Организацијата на потрошувачи велат дека ако населението масовно ги враќа и не плаќа за производите, трговците ќе се „опаметат“ и ќе станат поажурни.

Министерството за економија најави дека мерки за субвенционирана струја под 100 евра за мегаватчас ќе има за производителите на млеко и млечни производи, леб и пекарски производи, масло за јадење. Месната индустрија чека да биде додадена на оваа листа за да можат да поевтинат месото и сувомеснатите производи. Предупредија дека плаќале и до десет пати поскапа струја споредено со истиот месец лани, а поскапени биле и суровините и амбалажата. Бизнисот цело време бараше, но помошта за субвенционирана струја доаѓа со задоцнување од 8 месеци.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести