Орбан: ФИДЕС самоволно го стави во мирување членството во ЕНП, комитет од партијата ќе одлучи што понатаму

Владеачката унгарска партија ФИДЕС еднострано одлучи да го стави во мирување своето членство во Европската народна партија, соопшти премиерот Виктор Орббан на прес-конференција после Политичкото собрание на ЕНП во Брисел во средата.

„ЕНП побара комитетот составен од т.н. „тројца мудреци“ да подготват извештај, врз основ на кој ќе се одлучува за иднината на ЕНП на долг рок и после што ќе се одлучува за односот меѓу ЕНП и ФИДЕС“, рече Орбан.

Тој додаде дека и ФИДЕС ќе формира комитет од тројца членови коj ќе разговара со комитетот на ЕНП и ќе подготви сопствен извештај за тоа каков треба да биде односот на ФИДЕС и ЕНП, дали има место за ФИДЕС во ЕНП и ако има, како треба ЕНП да изгледа во иднина.

Во комитетот на ФИДЕС ќе се наоѓаат државниот секретар за семејство и млади Каталин Новак, државниот секретар за односи со ЕУ Јудит Варга и пратеникот на ФИДЕС во Европскиот парламент Јожеф Шајер.

Не можеме да бидеме избркани или суспендирани. Победивме на четири избори поради волјата на граѓаните на Унгарија“, потенцираше Орбан. Тој забележа и дека ФИДЕС освои 47, 56 и 52% од гласовите на претходните три избори за европскиот парламент. „Ваква партија нема да си дозволи да биде избркана или исклучена, туку ќе се исправи пред предизвикот и самата ќе одлучи што ќе прави“, додаде тој.

Одлуката на ФИДЕС е да ги суспендира своите права како членка на ЕНП се додека комитетот од тројца луѓе не го заврши својот извештај, после што повторно ќе се водат разговори со ЕНП, потврди Орбан.

Европската народна партија го направи вистинскиот избор денес, бидејќи остана обединета и ќе може да настапи на европските избори како кохезивна екипа“, потенцираше унгарскиот премиер додавајќи дека ФИДЕС ќе продолжи да го поддржува Манфред Вебер како т.н. „шпиц-кандидат“ на ЕНП за наследник на Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија. ФИДЕС и ЕНП, вели тој, не затвориле ниту една врата и слободно ќе одлучуваат за нивниот однос по изборите. Дебатата на ЕНП од средата Орбан ја нарекува многу „интересна, возбудлива и поучна“ бидејќи иднината на ЕНП беше под знак прашалник во изминативе недели, па токму затоа се водеше оваа дебата во средата на Политичкото собрание на ЕНП.

Премиерот нагласи дека политиката на Унгарија останува непроменета, што јасно го потврдил на Собранието на ЕНП во средата, односно дека Унгарија останува посветена на определбите за силна Европа, силна Европска Унија и за имиграционата политика како приоритет за да се заштити европската христијанска култура.

Сакаме ЕНП да остане најголемата сила во европската политика и да можеме да водиме кампања обединети“, вели Орбан.