Орбан: Можно е Фидес да излезе од ЕПП

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека неговата партија „Фидес“ би можела да се повлече од Европската народна партија (ЕПП) во услови на конфликт поради неговата медиумска антибриселска кампања.

Повод за револтот на Брисел е кампањата со плакати што Фидес ја спроведува во Унгарија, која наиде на остри критики во ЕПП. На плакатите шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и американскиот милијардер Џорџ Сорос се прикажани во проблематична поза, а под фотографиите има тврдења кои сугерираат дека двајцата поттикнуваат илегална миграција во Европа. Поради тоа 12 партии од девет земји побараа од претседателот на ЕПП Жозеф Дол, гласање за судбината на партијата на Виктор Орбан во европското семејство на конзервативни партии.

Орбан, во изјава за државното радио, денеска рече дека сé уште верува оти ЕПП треба да се реформира на начин што треба да се сврти кон анти-имиграциската платформа, но истовремено најави дека се големи изгледите за напуштање на ЕПП, која ќе се состане на 20 март за да разговара за ова прашање.

– Дебатата може да заврши така што Фидес би можел да одлучи да не биде повеќе во ЕПП. Доколку треба да почнеме нешто ново, тогаш очигледно прво треба да разговараме со Полска, изјави Орбан, појаснувајќи дека владејачката полска партија Право и правда не е дел од ЕПП.

Унгарскиот премиер уште рече дека вчера разговарал со европски функционери, а в недела ќе отпатува во Полска, главната сојузничка на Унгарија. Полскиот премиер Матеуш Моравијецки ќе ја посети Будимпешта на 15 март.

Орбан во текот на изминатиот викенд своите ЕПП-критичари ги нарече „корисни идиоти“. „Додека веруваат дека водат духовна борба, тие им служат на интересите за моќ на други, на нашите противници“, рече тој за весникот „Велт ам Зонтаг“.