Орбан: Европа можеше да ја спречи масовната миграција, но не се обиде

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ја претстави изборната програма на својата партија Фидес за изборите за Европскиот парламент, со порака дека на нив ќе се одлучува за иднината на „нашата христијанска цивилизација“.

-Изборите за Европскиот парламент ќе одлучат дали Европската унија во иднина ќе има промигрантски или антимигрантски лидери, дали Европа ќе продолжи да им припаѓа на Европејците или на другите цивилизации, дали ќе можеме да ја зачуваме нашата христијанска европска култура или просторот ќе го препуштиме на мултикултурализмот, изјави Орбан.

Според него, незадоволството од европската елита е предизвикано главно од нејзиниот однос кон прашањето за миграцијата.

Тој предупреди дека Европа не се соочува само со мигрантска криза, туку и со миграција на луѓето во историска смисла.

Орбан верува дека Европа може да ја спречи масовната миграција, „но, дека воопшто не се обидела“ и додава дека актуелните европски лидери ја поддржуваат и охрабруваат миграцијата, пренесува мкд.мк.

Фидес во својата програма се залага да им се одземат овластувањата на „бриселските бирократи“ за регулирање на прашањето за миграцијата и таа надлежност да им се врати на членките на ЕУ.