Општините станаа транспарентни, министерствата полека се затвораат за јавноста

Општините ја зголемуваат својата транспарентност, централната власт страгнира. Во споредба со лани, министерствата го зголемиле отчетот за само нецел процент, а општините за четирипати повеќе од државните институции, покажува годишното рангирање на Центарот за граѓански комуникации. Владата и Одбрана се единствените кои ги објавиле предвидените информации за јавност, а од општините највисоко котираат локалната власт на Велес и Гевгелија.  

  • „Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 отсто од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 отсто од институциите. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 отсто, а на општините 74 отсто. За разлика од лани, министерствата се подобриле за нецел процентен поен, а општините за четири“велат од Центарот за граѓански комуникации.

99 отсто исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност имаат Велес и Гевгелија. На прво место изби Источниот регион со 83 проценти транспарентност, а на последно е Скопскиот со 66 отсто.

  • „Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57 отсто, а министерствата 62 отсто). Се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговорија за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 отсто од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 93 отсто од институциите)“, наведено е во соопштението.

Во рангирањето на Центарот за граѓански комуникации биле вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

Advertisements