Општина Прилеп ќе субвенционира линиски автобуски превоз до најоддалечените населени места
Со субвенционирање на дел од горивото за линиски автобуски превоз до најоддалечените населени места, општина Прилеп ќе го решава проблемот на голем број жители од околните населени места кои досега немаа регулиран превоз до и од градот и плаќаа огромни сметки за такси-превоз. Со одлука на Советот на општината на последната одржана седница, овој вид превоз, а кој беше укинат во 2019 година, се враќа, согласно потребите на засегнатите граѓани кои многу често реагираат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред заради нивната отсеченост од градот.
„Во одлуката стои дека општина Прилеп ќе ги субвенционира превозниците со 15 литри гориво на поминати 100 км и се утврдени предлог-цени кои што би требало да ги имаат превозниците кои би сообраќале на овие линии. Понатаму ќе се донесе и Правилник како ќе се направи Јавниот повик и кои ќе бидат критериумите за превозниците на патници да можат да учествуваат на овој Јавен повик и да ги користат субвенциите коишто ги дава ЛС, односно општина Прилеп“, – истакна Дејан Проданоски, претседател на Совет на општина Прилеп.
Според Проданоски, станува збор за неколку населени места кои ќе имаат редовен линиски превоз, а кои сега мака мачат како да стигнат до и од градот. Освен најоддалеченото мариовско село Витолиште, со овој превоз ќе бидат опфатени и селата: Чепигово, Подмол, Мажучиште и Радобил.
„Овие линии би сообраќале до најоддалечените населени места во нашата општина, а тоа е прво и најзначајно Прилеп-Витолиште каде што досега граѓаните плаќаа преголеми цени за превоз со такси-услуги, или со некој друг вид на превоз и со тоа обезбедуваме една редовна комуникација на тоа едно од најоддалечените места повеќе од 50-тина км од центарот на градот“, кажа Проданоски.
Од општина Прилеп очекуваат дека ќе има сериозна конкуренција на превозници кои ќе бидат заинтересирани за да го обавуваат овој превоз.
Инаку, Прилеп за првпат доби Градски сообраќај во 2014 година кога беа набавени 6 автобуси кои сообраќаа на три линии. Во 2019 година пак, тогашното градско раководство, возниот парк на Градскиот сообраќај го збогати со 4 еколошки автобуси на метан. Но нивната набавка беше проследена и со извесни скандали, најмногу заради нивната превисока цена на чинење од над 60 милиони денари.
Каролина Дурло