Општина Прилеп ќе одвои близу 300.000 евра  за изградба на водовод во селото Канатларци кое брои околу 3.000 жители

          Конечно, на повидок решение за деценискиот проблем на околу 3.000 жители од селото Канатларци кои во 21 век се’ уште немаат вода. Актуелниот Совет на општина Прилеп, како дел од развојната општинска програма ќе издвои 18 милиони денари од новиот Буџет и на пролет ќе почнат градежните активности за изградба на водовод во ова населено место кое е едно од најголемите во општината. А во текот на месецов треба да биде издадена и градежната дозвола.

  „До средината на декември имаме ветувања од раководителот на Секторот за урбанизам дека ќе биде издадено одобрението за градба и во истиот момент би се започнало со тендерирање, односно со почеток на тие крајни, завршни фази од админситративниот дел од овој проект и со почетокот на новата градежна сезона започнуваме со изградба“, – изјави Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.

   Во изминативе неколку години, жителите од ова населено место, крајно разочарани од многубројните празни ветувања на тогашните градски власти дека нивниот суштествен проблем ќе биде решен, често бараа помош и од медиумите за да ги „разбудат“ надлежните и селото да добие вода.

  „Немаме за пиење, за туширање немаме вода. Бунар да немаме и готови сме. Значи, даваме по 4.000 евра за бунари, бушиме, немаме вода. Што дека беа, мислиш дека ќе биде нешто? Сето е лага“, рече еден канатларчанец пред две години (25.05.2020).

  „Се очекува, според новиот проект кој што го изработи општина Пролеп, новиот бунар да има издашност најмалку 5-7 литри вода во секунда, што значи три или четири парти повеќе од вкупните количини вода со кои што се водоснабдува селото во овој момент“ – кажа Емил Јанески, екс-директор на ЈКП ВиК – Прилеп.(25.05.2020)

  Инаку, населеното место Канталарци е живо село со мешан етнички состав, каде доминира турската заедница. Има околу 3.000 жители. Меѓу нив многу млади луѓе и деца. Селото има и училиште во кое, исто така, често нема вода. Главни егзистенцијални дејности на жителите им се земјоделието и сточарството.

   Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести