Општина Прилеп одвои речиси четири милиони денари за секојдневен бесплатен оброк на првачињата

Ублажување на неиздржливиот финансиски товар на родителите кои имаат првачиња е целта поради што Општина Прилеп од општинската каса одвои речиси четири милиони денари и ги намени за секојдневен бесплатен, здрав и разновиден оброк на најмалите ученици. „Со цени кои неконтролирано дивеат, јасно е дека и онака излитениот семеен буџет на повеќето семејства кои имаат ученици, не ќе може да го издржи почетокот на новата учебна година. Сакаме да ги стимулираме родителите и да ги потсетиме дека не се оставени сами во овие сиромашни времиња“, – велат од Локалната самоуправа.
„Како новитет и многу позитивна вест за оваа година е дека за сите првачиња Општината обезбеди бесплатен оброк, секојдневно значи за сите 664 првачиња за кои што од Буџетот се издвоени околу 3 милиони и 800 илјади денари. Тоа се оброци кои се предвидени за секој ден различно и се состојат од избор на здрава храна, и овошје, и зеленчук, и бели печива. Сакаме целта да ја постигнеме, а таа е да им олесниме, колку-толку на сите родители, барем да не водат грижа, ете за тој аспект, да имаат дечињата обезбедено здрав оброк секојдневно и да ги воспостават на некој начин тие здрави навики“ – кажа Влатко Петкоски, портпарол на Општина Прилеп.
На првиот училишен ден, добредојде на првачињата и среќен почеток на новата учебна година на сите ученици им посака градоначалникот Борче Јовчески. Тој вети уште поголеми заложби за што поквалитетно образование во сите општински училишта.
„Им честитам и на директорите на основните училишта кои што ова лето се потрудија да реконструираат, да обноват или да внесат новитети во институцијата каде што работат и со тоа докажуваме дека ги подобруваме условите за сите ученици“, – рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Инаку, Прилеп е една од општините во кои има најголем пад во бројот на запишани првачиња, но и на нови средношколци. Во десетте основни училишта годинава се запишани само 664 првачиња, што е за над стотина помалку од очекуваните, па во некои училишта бројот на ученици во паралелките е сведен само на 12 првооделенци. Слична е состојбата и во петте средни училишта, каде исто така има загрижувачко намалување. Во прва година, годинава се запишани само 730 средношколци. Статистиките покажуваат дека само во последниве шест месеци од прилепските основни и средни училишта биле испишани над 300 ученици, најчесто заради иселувањето на цели семејства од земјава. Познавачите на приликите, повикувајќи се на досегашните искуства, стравуваат дека отпишувањата можно е да ги има и на полугодието од учебната година. Во Прилеп, годинава има запишано 6.000 основци и 3.000 средношколци.
Каролина Дурло