Опозицијата ќе ја брани честа на Македонија: Ковачевски дома во Скопје, Мицкоски во недела во Благоевград за отворањето на „Никола Вапцаров“

Лидерот на опозицијата во Благоевград, премиерот во Скопје. Христијан Мицкоски ќе го обели образот на Македонија и ќе присуствува на отворањето на културниот клуб „Никола Вапцаров“, а Димитар Ковачевски ќе си остане дома иако беше поканет.

-Во недела јас ќе бидам во Скопје, изјави Ковачевски.

Не се знае дали барем некој претставник од Министерството за надворешни работи или македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Поповска ќе бидат во недела во Благоевград. Одговор на овие прашања се уште чекаме од Министерството за надворешни работи.

За разлика од македонските власти, бугарските покажуваат поголема почит кон своите во Македонија. Па на отворање на културниот клуб Ванчо Михајлов, именуван по докажан соработник на фашистичкиот режим, присуствуваше ни помалку ни повеќе тогашниот бугарски премиер Кирил Петков. Иако пречекан со свирежи, кажа дека отворањето на овој клуб ќе ги зближел двете страни, иако реалноста на крајот се сосем друга.

-Колку повеќе имаме вакви заеднички дејнисти, колку од двете страни има врска и луѓето се чувствуваат заедно и тоа е толку подобро за да се продлабочат односите, бидејќи политичарите доаѓаат и си одат, но тие односи остануваат, изјави тогаш Петков.

Пред половина година во Битола беше и заменичката на Румен Радев, Илијана Јотова, која од таму ни порача дека не постоеле Македонци во Бугарија.

-Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример. Јас многу одамна се занимавам со таа тема, веќе 10 години во Европскиот парламент и никој досега од Ваша страна не побарал такво нешто, а јас познавам многу колеги од вашата страна, изјави тогаш Јотова.

Покана да присуствува на отворањето на културниот клуб „Никола Вапцаров“ испратена е и до бугарскиот технички премиер Галаб Донев, но тешко е да се очекува дека тој ќе се одважи, со оглед на ставот на Бугарите, дека не постои македонско малцинство во Бугарија не постои.

Матеја Петровски

Advertisements