Опозицијата против прогресивното одданочување, Тевдовски ја напушти седницата

Прогресивниот данок нема да ја намали сиромаштијата, законот е катастрофален и не прави разлика меѓу вредните работници и оние што се збогатиле на криминален начин. Опозицијата жестоко удри против Законот за личен доход на комисиската расправа во Собранието. Ако рамниот данок бил адут за привлекување странски инвеститори, од догодина Владата ќе го нема – обвинија дел од пратениците. Кулминацијата во Собранието настапи кога по критиките на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, министерот Тевдовски предвреме ја напушти седницата.

Комисијата не ги прифати амандманите на ВМРО-ДПМНЕ да остане во сила рамниот данок, или пак да се изостават од прогресивно одданочување платите и приходите од продажба на земјоделски производи. Прифатени беа неколку амандмани да не се одданочуваат надоместоците на трошоци за настани од здруженија на граѓани, зголемено е даночното ослободување за примањата на практикантите во компаниите, се воведува и даночно ослободување за патни трошоци за образование во странство.

Откако Владата најави дека планира да воведе 18% персоналец за делот од примањата кои надминуваат 90 илјади денари месечно, на нозе се крена целата бизнис заедница. 4-те стопански комори побараа одложување на прогресивното одданочување за 5 години, а од германското стопанско здружение алармираа дека на овој начин не само што им се зголемуваат трошоците на компаниите, туку расте и правната несигурност, што во крајна мера ќе резултира со пораст на сивата економија.

Тања Попова