Опозицијата „против“ предлог-законот за заштита на охридското културно наследство

Ќе заврши ли Охридскиот регион на листата на загрозено светско наследство? Неимплементацијата на законите може да резултира со ова, доколку државата не постапи по советите и условите што УНЕСКО ги истакна во последниот извештај. Власта со ново законско решение за управување со природното и културното наследство ќе се обиде да спречи спроведување на препораката, но засега, нема поддршка за правната рамка од страна на опозицијата. Најголем дел од забелешките образложени на собраниската седница на комисијата за култура има во однос на составот на советот, што треба да се формира согласно предлогот. Според опозицијата, законот ги амнестира градоначалниците од одговорност.

-Владата и сите надлежни институции можеа досега да донесат одлука за рушење на дивоградбите и без овој нов закон. Во оваа фаза на законот, колку и да сакаме да бидеме конструктивна опозиција, нема да го поддржиме. Се решава само проблемот на градоначалниците, што ќе речат советот треба да одлучи, изјави Манаскова Магдалена.

За претставници на пратеничката група на СДСМ, законот треба да се донесесе часо поскоро, оти Охрид се наоѓа во страшна состојба и УНЕСКО бара реална разработка на план со кој ќе се справиме со оваа голема криза, а одговорноста треба да се бара кај сите.
-Ние не сме ги почитувале постоечките закони и сме го довеле Охридскиот Регион во ваква состојба. Сите сме виновни, и локалната и извршната власт, граѓаните не се информирани, а медиумите недоволно ја информираа јавноста. Но сега се плашам дека ако продолжуваме со напаѓање и собирање политички поени, а не се концентрираме на решенија, ќе влеземе во поголема криза, вели Никица Корубин.

Во нацрт извештајот на УНЕСКО се бара од државата да воспостави целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита, но и властите да направат проценка на нелегалните градби како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

Сања Трајковска Ставров