Опозицијата обвинува – бизнисите на Заеви се шират во Бугарија

Бизнис империјата на семејството Заеви се шири и во европските држави. Опозицијата објавува документи од бугарскиот централен регистар според кои членови на потесното семејство на премиерот Заев основале три фирми на иста адреса во градот Петрич Бугарија. Фирмите „Ориент груп“, „Радиша Трејд“ и „Гомасидра“ се регистрирани на улица Гоце Делчев бр 12 во последниве три години.

Како управител на две фирми во бугарски Петрич е запишан братучедот на премиерот Трајче Заев и уште една во која како управител се јавува зетот Радиша Бојовиќ Заев. Сите три фирми според документите, се со повеќе дејности на работа.

Првата фирма Гомасидра е формирана на 1 јуни 2017 како градежна фирма а како сопственик се запишува Сашко Брндевски, а во август 2018-тата година фирмата да ја преземе братучед му на Зоран Заев, Трајче Заев.

Сопственик и на втората фирма Ориент Груп е Трајче Заев. Регистрирана е во јуни 2018 од страна на Вице Заев, браотот на Зоран Заев и Славица Заева, а преземена од братучед му Трајче Заев во декември 2018 година, стои во документите од бугарскиот централен регистар.

Своја фирма на истата адреса во Петрич како и претходните две, отвора и Радиша Бојович Заев, зетот на премиерот Заев. Регистрирана во август 2016-та фирмата се занимава со транспорт и логистика.

На премиерот Заев овие три фирми кои ги водат негови најблиски роднини не му значи ништо. Најпрво не знаеше за што му зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кој му ги прочита имињата на трите фирми, за потоа да рече дека не може да го негира нивното постоење.

Алфа се обиде да стапи во контакт со еден од управителите на фирмите, Трајче Заев, за да добиеме одговор зошто фирмите се основани во Бугарија, колку лица се вработени но и дали двете фирми во моментов се функционални, но ги одбиваше нашите повици.

Сите три фирми според официјалните документи од бугарските институции се регистрирани од денот на формирањето на актуелната влада на чело со Заев до декември лани и непосредно по потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.

Ивана Соколовиќ Најдова