Опозицијата во Црна Гора „распали“ по Џафери дека бил терорист

Првиот човек на македонското Собрание непосакуван гостив во Парламентот на Црна Гора. Барем вака изгледаше денеска кога тој присуствуваше на ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. За опозициските народни избраници во тамошниот Парламент, Талат Џафери е терорист кој пукал на македонски војници.

-Господинот Џафери е поранешен припадник на терористичките организации, човек кој пукаше македонските војници, на македонската полиција и сигурно пукал и на Србите. Затоа така се однесувам кон него, изјави пратеникот на Нова српска демократија, Јован Вучуровиќ.

Освен пораките испратени кон спикерот на македонското Собрание, од црногорските пратеници проблематизирано беше и самото гласање за Протоколот, барајќи да не се гласа за него, велејќи дека е против изразената волја на граѓаните на референдум.

-На референдумот излегле вкупно 36,89 проценти, тоа е фијаско. Тоа не е неуспех! Значи, народот на Македонија го одби протоколот за кој ние денеска гласање и вие на нас во Црна Гора ни го претставувате ова како свечен чин и треба да учествуваме во верификација на ненародната волја во Македонија. Тоа е срамно, изјави пратеникот на Демократски фронт, Славен Радуновиќ.

Народните избраници од власта и претседателот на црногорскиот Парламент побараа покултурен однос кон македонскиот гостин, велејќи дека тој не може да одговори на нападите бидејќи нема да се обрати пред нив.

Сепак, протоколот беше изгласан од страна 44 пратеници, без присуство на опозицијата. Црна Гора е петта земја членка на НАТО која официјално се согласи за наше членство во Алијансата.

Матеја Петровски