Опожарен влезот на Клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола

Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола опожарен – во пет часот изутрината било пријавено дека некој ги скршил прозорците на влезната врата и предизвикал пожар. Брзата реакција на противпожарната екипа спречила пожарот да се прошири, а екпресно на терен пристигнале и полицијата и јавен обвинител од ОЈО Битола.

Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење – информираат од битолското Јавно обвинителство

Ова се случи во пресрет на дводневната посета на министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, која веднаш по пристигнувањето, го посети опожарениот клуб. И покрај тоа што случајот не е расчистен, и не се знае кој и зошто го сторил тоа, Бугарија веќе започна со осуди дека овој чин бил провокација.

Палењето на Центарот за култура „Иван Михајлов“ во Битола е уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања, која започна веднаш по отворањето на клубот – напиша на социјалните мрежи потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.

Најдобро е после овој инцидент Генчовска да му порача на Османи дека разговорите се завршени, а ќе продолжат ќе има вистинска промена на говорот на омраза, промена на учебниците по историја, признавање на Бугарите во македонскиот Устав – напиша Красимир Каракачанов.

За шефот на дипломатијата, палењето на влезот на објектот, покажало дека има луѓе кои се против постигнување на напредок во македонско-бугарските односи.  Овој чин го осудија и претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека ваквите активности не водат никаде, и премиерот Ковачевски кој истакна дека ова се потпалувачки провокации кои ќе ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ.

Адријана Алексиеска