Операција промена на Устав – Преспа виа Шутка до Собрание

81 зелено копче на собраниските клупи светнаа за промена на уставното име на Република Македонија. Горди што останаа глуви на одлуката на народот, токму народните избраници, кој уценет кој со голем судски товар на грб, си го честитаа почетокот на новата историја на Република Северна Македонија. Возот за Европа и НАТО го фативме, сега на ред повторно сме биле ние, вели премиерот, мора напорно да се работи за да се заслужи новото име.

Она што го договорија во Преспа, не го реализираа преку референдумот, ама затоа си обезбедија пратеници за гласање на уставните измени. Ослободувајќи ги од притвор за гласањето власта си „купи“ опозиција по своја мерка.

Септемврискиот референдумот беше јасна порака за власта, дека народот нема да прифати бришење на Македонија. Ама според најоптимистичките прогнози на Власта, се продаваше како триумф. Владејачките пратеници јавно признаа – по дебаклот на референдумот треба да глумат среќни и насмеани политичари.

Пазарења и калкулации како повторно да се признае непријатното чувство за Македонците, а да се удоволи на албанските политички чинители. За нив отворањето на македонскиот устав е шансата која не ја пропуштија за да си ги вметнат и своите барања- пазарот заврши со исполнување на ултиматумот кој го поставија БЕСА и Алијанса за Албанците.

Ништо помалку не е поштедена ниту историјата – документите кои ги покажуваат корените на македонската државотворност се бришат-наместо Манифестот се впишува Прогласот, ама за цена на тоа се додава и Охридската рамка. По ратификацијата и во грчкиот парламент, веќе ниту историските учебници веќе нема да сведочат за тешкиот македонски пат до слободата…

Ивана Соколовиќ Најдова