Опасни воени игри на НАТО близу руската граница

НАТО во Норвешка ги започна најголемите маневри од крајот на Студената војна. Алијансата ја информираше Русија, која се граничи со оваа земја, за вежбата “Пукачка единица 2018 ” и ја повика на надгледување, на што Москва се спротивстави.

Рускиот министер за одбрана предупреди дека тие би можеле да бидат принудени да одговорат на зголемената активност на НАТО во близина на западната граница

Официјално, маневрите не се насочени кон ниту еден потенцијален напаѓач. Меѓутоа, со оглед на со години растечките тензии, се работи и за демонстрација на сила и испраќање сигнал на заплашување во насока на Москва. Од политиката на Русија се чувствуваат загрозени пред сѐ Полска и балтичките држави – Литванија, Летонија и Естонија. Тие од НАТО бараат вооружување и поголемо заплашување. Оттука, не е случајност што маневрите се одржуваат во земја која има заедничка граница со Русија.

Воената вежба доаѓа само една недела откако претседателот на САД Доналд Трамп соопшти дека тие се повлекуваат од договорот со Русија за нуклеарни сили на среден дострел. Тоа може да предизвика војна, изјавија официјални лица од Москва, и побараа свикување на седница на Советот за безбедност на ОН.

Американското повлекување од спогодбата за нуклеарно разоружување ќе доведе до трка во вооружувањето и до исклучително опасна ситуација, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој предупреди дека европските земји кои ќе дозволат на своја територија распоредување американски ракети мора да сфатат дека постои можна закана од некаков одговор и оти руските ракети ќе бидат вперени кон нив.

  • „Ако се раскинуваат такви договори, тогаш не останува ништо во поглед на ограничувањето на вооружувањето. Ситуацијата ќе биде исклучително опасна. Нема да остане ништо, освен трка во вооружувањето“. изјави Путин.

Оваа воена вежба на алијансата ја сочинуваат  50.000 воен персонал од 29 земји членки на НАТО, заедно со земјите-партнери Финска и Шведска, а ангажирани се околу 65 бродови, 250 авиони и 10.000 возила. Планот е вежбата да трае до 7 ноември и се одржува во областа на централна и источна Норвешка, северниот дел на Атлантскиот Океан и Балтичкото Море.

Елена Вришку