ОН: Во Јемен, за 48 часа, загинаа 22 лица, меѓу кои 12 деца

22 лица загинаа, меѓу кои 12 деца, а 30 се повредени во нападите извршени во јеменската покраина Хаџа во последните 48 часа, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација на хуманитарна помош.

Лисе Гранде, координаторка за хуманитарни работи на ОН во Јемен, го осуди овој напад и рече дека е „ужасно и непотребно и понатаму да гинат цивили во една криза за која може да се најде решение“, пренесува агенцијата Анадолија. Во Јемен веќе подолг период владее политичка нестабилност. Хусите од септември 2014 година го зазедоа главниот град на Јемен, Сана, како и одредени околни подрачја.

Како што наведува Анадолија, коалициските сили, под водство на Саудиска Арабија, од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.

Илјадници лица загинаа во судирите кои траат четири години во Јемен.

Хуманитарната криза во Јемен, која е меѓу најсиромашните земји во светот, е зголемена, и достигна големи размери. Според ОН, во Јемен 10 милиони лица, кои сочинуваат половина од населението на земјата, се соочуваат со ризик од сиромаштија. Во земјата се наоѓаат над 22 милиони лица кои имаат потреба од хуманитарна помош и заштита. Во Јемен секојдневно се зголемува бројот на заболените од епидемии, пред сѐ од колера, предизвикани од различни причини како немање пристап до чиста вода, недоволна исхрана и недостиг на лекови.