ОМО Илинден – Пирин: Почина почесниот претседател Стојан Георгиев

Синоќа почина Стојан Георгиев (1938 -2023), голем македонски патриот и активист, еден од основачите на ОМО Илинден – Пирин, единствен претседател пред расцепувањето и негов до крај почесен претседател.
Роден во 1938 г. во Петрич, Пиринска Македонија. Како 18-годишен, со незавршено средно образование создава македонска група. Откриен и жестоко мачен 18 дена во келиите на државна безбедност, сепак е ослободен за да го заврши своето образование. Во 1957 г. формира втора група. Повторно е откриен и подложен на истраги и мачења 114 дена. Во 1958 г. ја добива својата прва пресуда, четири години затвор, што ќе ги помине во Стара Загора. Во 1973 г. повторно ќе се најде во затвор осуден на четири години. Во 1990 г. беше еден од основачите на ОМО „Илинден“ и единствен претседател пред расцепувањето на организацијата. Автор е на две книги кои раскажуваат за неговиот живот, борба и страдања. Во 1998 г. се вклучи во ОМО „Илинден“-ПИРИН и наскоро беше избран за почесен претседател, каков што остана да последниот ден. Во 2006-2007 беше член на Централниот совет на партијата, а во 2007-2010 г. и нејзин копретседател.
- „Активно учествуваше во борбата на Македонците во Бугарија за нивни права до својот последен ден. Неговата последна дејност беше средба со докторанти и студенти од Швајцарија на 25 јуни годинава, на која им зборуваше за својот живот и страдања. Очекуваше телевизиско интервју и учество на научна конференција „120 години од Илинденското востание“ во Крушево каде требаше да раскаже за својот живот и односот на бугарската држава кон Македонците во Пиринска Македонија. Беше полн со желба за живот и борба! И покрај големите страдања никогаш не се претвори во гневен, одмаздољубив човек, до крај го зачува својот ведар, позитивен дух“, – пишува во соопштението на ОМО Илинден – Пирин.
Нека му е вечен споменот!