Омилениот историчар на власта ќе одлучува и за имињата на здруженијата и фондациите

Претседателот на историската комисија, но и низа државни советници именувани од власта. Ова е составот на ад хок телото кое треба да дава мислење за имињата на здруженија и фондации откако веќе беа формирани спорните „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“.

Формираното тело ќе ги анализира поднесените предмети и на надлежните институции ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи – стои во соопштението од Владата.

Драги Георгиев, првиот човек на комисијата за ревизијата на историјата, добива уште една функција а веројатно и дополнителен хонорар. Тој иако е редовен член на МАНУ, само од Комисијата за историски прашања заработи 86.000 евра.

Ад-хок телото е составено од седум членови, номинирани од самите државни институции а последниот збор го има Владата која го форимираше.

Според она што како информација го сподели владината прес-служба, не се работи само за универзитетски професори кои добро ја познаваат историјата, прашањата од антички период, среден и најнов век, туку и советници во Министерствата. Меѓу нив се Антонио Павлоски, кој е посебен советник во Кабинетот на Министерката за култура, Билјана Мицковска, од Сектор за правни работи при Министерството за економија, Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука , Ана Трајчева – од Централен регистар. Од универзитетски професори, освен Драги Ѓорѓиев, во советодавното тело се и Билјана Ристовска-Јосифовска, Бобан Петровски и Никола Минов од Институтот за историја.

Од Владата нема детали кои биле критериумите за избор, ниту колкави хонорари и надоместоци би добивале членовите.

Во работата на ова тело по потреба може да бидат вклучени дополнително и други лица од граѓанскиот сектор и надлежните институции, но од Владата не допрецизираа во какви ситуации би вклучиле лица од граѓанскиот сектор и дали би ги послушале нивните совети, да се избегнат ситуации како Клубот „Ванчо Михајлов“ и Здружението во Охрид „Цар Борис Трети“.

Адријана Алексиеска