Омилената фирма на ДУИ: За 70.000 евра му организираат забава на Груби, ги набавуваат сведителствата, за четири години добиле дури 61 тендер

Мајстори за се. Ја организираат прослава на Артан Груби за годишнината од рамковниот договор во сабота, набавуваат  сведителства за учениците во Македонија, а во последниве четири години имаат добиено дури 61 тендер. Името на оваа фирма е Арбериа Дизајн, можеби случајно, можеби и не, најголемиот донатор на ДУИ од 2015-та година. Според финансиските извештаи последниот прилив им е од Министерството за надворешни работи, на Бујар Османи. Од МНР си наплатиле нешто повеќе од 40.000 евра на 21 јули годинава.

За утрешната прослава фирма  Арбериа Дизајн ќе добие фантастични 70.000 европски банкноти од Министерството за политички систем на Артан Груби, за организација на концертот во чест на 21-годишнатата од рамковниот договор, за кој од министерството на првиот вицепремиер изразуваат надеж дека ќе стане традиционален, еден вид пандан на славниот Егзит.

-Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во рамките на одбележувањето на Охридскиот рамковен договор годинава организира “PEACE FESTIVAL”, како и Школа за млади лидери “Peace Forum Dialogue”.  Првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот “Скендербег” во Скопје со настап на познати музички звезди, меѓу кои и Владо Јаневски. Заедно одбележуваме 21 годишнина од Охридскиот рамковен договор како и започнување на преговори за полноправно членство во Европската Унија, велат од Министерството за политички систем.

Арбериа Дизајн беше и фирмата која и во текот на ланската година инкасира најмногу пари од одбележувањето на 20 годишнината од Рамковниот договор, кога тендерот за таа цел беше неверојатни половина милион евра. Колку на крајот се потрошија остана непознато, дали целата сума или нешто помалку, но Груби ни порача колку и да биле, помалку биле од она што го донел договорот од Охрид.

-Не знам колку ќе ја чини државата затоа што ќе видиме откако ќе ги завршиме сите настани. Буџетот знаете веќе е објавен, тендерот добиен од страна компаниите кои што организираат сите овие настани, но верувам дека ќе чини многу помалку од тоа што доби Република Северна Македонија, тоа е доби мир, доби стабилност доби членство во НАТО, добие еднаквост на сите граѓани во нашата држава, кажа Груби лани.

Додека од Министерството за политички систем без проблем си ја објавуваат сумата, Владата молчи и нема одговор на прашањето колку пари чинеше прослвата за Илинден оваа година во Крушево. Одговор на истото прашање баравме и лани за прославата за Илинден, но одговор и за тоа се уште немаме.

Матеја Петровски