Омилената агенција на власта повторно добива државни пари: „Рејтинг“ сега ќе наплати 100.000 евра и од МНР

Нови државни 100.000 евра за омилената владина агенција Рејтинг. Сега од сметката на Министерството за надворешни работи, за рекламирање на претседавањето на Македонија со ОБСЕ. Министерот за навдворешни работи потврди дека агенцијата на Никола Спасов го добила тендерот, но се правда не била ангажирана за Пи-Ар, што е нејзината специјалност, туку за организација на целата завршна конференција.

-Не, тоа не е ПР, ОБСЕ претседавањето ќе заврши со најголемата конференција што било кога е организирана во Македонија. Над 70 министри за навдорешни работи ќе дојдат во Скопје, од министерот за надворешни работи на САД, на Русија, на сите европски земји, азиски земји ќе дојдат овде. И ние подготовките веќе ги имаме сериозно почнато, изјави Османи.

Османи се пожали дека Македонија била пред тешка мисија, дека ја имале најтешката задача од независноста, па помошта за организација на таков голем настан ја нашле во Пи-Ар агенција.

-Сето тоа треба да се организира, брендира на начин на кој што ги бара ОБСЕ стандардите. Тоа е најтешката операција која што оваа држава ја имала. Има меѓуресорско работно тело кое што уште од минатата година работи, во кое се претставници од МВР, од ТАВ, од Аеродроми, затоа што во еден час треба да слетаат 70 министри за надворешни работи, изјави Османи.

Инаку, на крајот на минатата година агенцијата Рејтинг добила 50.000 евра од министерството на Фатмир Бесими за истражување на јавното мислење на активностите на Министерството за финансии. Претходно добија и 400.000 евра за организација на винскиот саем Отворен Балкна во Белград.

Матеја Петровски

Advertisements