ОМД: Северна Македонија не е нашата Татковина

Обединетата македонска дијаспора со реакција на вчерашното гласање за уставните измени во Собранието. Од таму велат дека со евидентно насилие, прекриено зад превезот на демократијата, било обезбедено двотретинското мнозинство, за уставните измени предвидени со Преспанскиот договор, со кој според нив Република Северна Македонија се издига врз падот на Република Македонија.

-Додека меѓупартиското тргување со амнестии, меѓународните притисоци и бескомрпомисното самоволие на власта испорачаа резултат во сечиј интерес освен македонскиот, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) потсетува дека земја без идентитет, интегритет и суверенитет не подлежи на просперитет, а најмалку не на евро-атлантски, велат од ОМД.

Претседателот на ОМД, Методиоја Калоски смета дека вчерашниот е историски ден за Македонија, но не поради стапувањето во сила на Преспанскиот договор, туку поради издвојувањето на македонскиот народ како единствен кој се самоукинал и самоволно се откажал од фундаменталното право на самоопределување.

Според претседавачот на ОМД, Стојан Николов, пак порано или подоцна вистината и правдата ги стигнуваат оние кои им пркосат. Според неговите зборови битката е изгубена, меѓутоа борбата почнува. Според него имаме должност да ја пренесеме македонската историја и идентитет до идните генерации, како тие би можеле да го поврата она што е изгубено сега.

Уставните измени и промената на името на државата вчера добија амин од 81 пратеник во Собранието.

Матеја Петровски