ОМД: Граѓаните демократски да кажат „не“ на францускиот предлог

Македонија има своја душа и свој идентитет, и демократски докажа дека нејзиниот пат e чист и не заслужува дополнително ништење на својата нација – Обединетата македонска дијаспора ги повика граѓаните демократски и мирно да кажат НЕ на Францускиот Предлог и еднаш засекогаш да се зацртаат црвените линии на Македонскиот идентитет, Македонскиот јазик и Македонската нација.

„ОМД како и секогаш досега го поддржува интегритетот и сувереноста на Македонија како и го поддржува Европскиот пат и иднина на државата. Затоа е природно еднаш Македонците да бидат во право и барем еднаш да не се согласат со предлогот на Европската Унија. Имајќи предвид дека Македонија веќе 20години е на патот да го премине прагот како земја кандидат за членство во ЕУ, и ги остварува сите барања спрема унијата“ – велат од ОМД.


„Голема е неправдата која ни се нанесува, неизмерна е болката која ни се предизвикува – реагираат и од Македонскиот Национален Совет во Швајцарија. Тие ги поддржаа секојдневните протести против францускиот предлог.

Ние Македонците надвор од нашата Македонија ви се поклонуваме на вашата чест, слава и храброст, зошто неуморно се борите за македонските правдини, како што вели нашата химна. Вие браќа и сестри Македонци сте тие кои сте на браникот на слободата, вие сте тие што ги трпите најтешките удари. Ние сме со вас и ви ја даваме нашата безрезервна поддршка. Ги поддржуваме овие протести во Македонија и сме против прифаќање на францускиот предлог, против мешање на Бугарија во внатрешните работи на Република Македонија, против присвојување на нашата историја и негирање на нашиот македонски јазик! – велат од Македонски национален Совет во Швајцарија.


Против францускиот предлог се кренаа и Македонците во Словенија. Граѓанската социјална иницијатива за словенечко-македонско пријателство, во сабота, во Копер закажа мирен протест за заштита на македонскиот национален идентитет.


„На мирен и достоинствен начин да испратиме јасна порака до претставниците на Европската комисија и македонските политичари: НЕ за францускиот нацрт-протокол за влез на Македонија во ЕУ и НЕ за фашистичките уцени од Бугарија“ – велат од Иницијативата за словенечко-македонско пријателство.


Македонците се согласни дека ова е право време Европската Унија да одигра џентламенски, да ги прифати барањата на Македонците и да го заштити Македонскиот идентитет и македонската нација.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста